ЕДНОДНЕВЕН ШТРАЈК НА ДРЖАВНИОТ СЕКТОР ВО ГРЦИЈА Запираат метрото, трамваите и фериботите, откажани се и летовите

Бродовите и траектите ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што со неколку часовни прекини учествуваат и вработените во метрото и трамваите и конкретните превозни средства ќе сообраќаат од 9 до 18 часот.

28

Вработените во јавниот сектор, просветните и здравствените работници, студентите и учениците, учествуваат во денешниот, 24-часовен штрајк во Грција закажан од Синдикатот на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, поддржан и од низа федерации, работнички центри и синдикати, а земјата денеска е без бродски сообраќај, јави дописничката на МИА од Атина.

Од АДЕДИ преку штрајкот бараат „да се стави крај на осиромашувањето“ и „спроведување политики што ќе дадат суштински одговори на сериозните економски, работнички и социјални проблеми“ со кои се соочуваат вработените.






Дополнително, меѓу барањата се враќање на 13 и 14 плата; суштинско зголемување на платите; масовно вработување постојан кадар, со приоритет во здравството, образованието, локалната самоуправа, социјалните служби и социјалното осигурување; вработување на сите хонорарци; одвојување значителни средства за јавното здравство и образованието; мерки за справување со високите цени; укинување на ДДВ за храната и производите за основна животна потрошувачка итн.

– Нашата сила е во единството, солидарноста и масовното учество. Со колективност и одлучност можеме успешно да го бараме она што ни припаѓа – посочија од синдикатот и повикаа на масовно учество на протестите во рамките на штрајкот.

Организирани преку нивните здруженија и федерации во штрајкот учествуваат просветните работници, лекарите, болничарите, медицинските сестри, студентите, учениците.

Бродовите и траектите ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што со неколку часовни прекини учествуваат и вработените во метрото и трамваите и конкретните превозни средства ќе сообраќаат од 9 до 18 часот.

Воздушниот сообраќај ќе се одвива непречено иако Федерацијата на здруженијата на Службата за цивилно воздухопловство претходно најави 24-часовен штрајк, но според медиумите, беше прогласен за незаконски по тужбата поднесена од Службата за цивилно воздухопловство пред Основниот суд во Атина.

Во штрајкот, овој пат не учествува Синдикатот на вработени во приватниот сектор (ГСЕЕ), па затоа и не станува збор за генерален штрајк.

Во рамките на штрајкот за претпладнево закажани се и протести, како во Атина, така и во над 40 градови низ цела Грција.

Поврзани содржини