ЕДНА ГОЛЕМА НОВОГОДИШНА ПРОСЛАВА ЗА СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ Градот ќе блесне во празнично руво во средината на декември
На градскиот плоштад ќе настапат исклучиво македонски музички изведувачи. Во тек се подготовките за новогодишниот базар и за празничната програма, најави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скопје ќе биде новогодишно украсено до 15 декември, додека за новогодишната ноќ ќе има една голема прослава на градскиот плоштад. Скопските градоначалници се согласиле заеднички да го организираат пречекот на Новата година, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето на телевизија Сител.
– Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во градот – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот со својот тим сè уште ја утврдува празничната програма. Се договараат и термините за одржување на новогодишниот базар.
– Одлучивме оваа година, како и минатата, со исклучиво македонски изведувачи, ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле сè уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Нова година. Да најавам уште од сега, огномет нема да има – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот зборуваше и за изградбата на подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“. По завршувањето на првата фаза за 90 дена, градот влегол во втората, која опфаќа изградба на два кружни тека и подземно пробивање.
Ѓорѓиевски посочи дека финансиската стабилизација на градот и помошта од Владата овозможиле целосна реализација на проектот.
– Од рана пролет ќе се започне и со реализација на препунктната станица, односно колекторскиот систем, којшто треба да ги спроведе атмосферските води – најави градоначалникот.