ДРЖАВЈАНИН НА МАКЕДОНИЈА Е УАПСЕН ВО СРБИЈА Се обидел да поткупи полицајци
Според МВР на Србија, тој им понудил пари на полицајци од Управата на сообраќајната полиција за да не му издадат прекршочен налог за сообраќајните прекршоци што ги сторил.
Властите во Србија вчера уапсиле 43-годишен државјанин на Македонија кој е осомничен дека им понудил мито на полицајци за да не му напишат казна за брзо возење, објавија српските медиуми.
Припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија, Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против корупцијата, по налог на Посебното одделение за сузбивање корупција при Вишото јавно обвинителство во Краљево, го уапсиле осомничениот, со иницијали З. А., за кривично дело давање поткуп.
Според Министерството, тој им понудил пари на полицајци од Управата на сообраќајната полиција за да не му издадат прекршочен налог за сообраќајните прекршоци што ги сторил.
Тој управувал автомобил на автопат кај Краљево, при што ја надминал дозволената брзина и се движел по левата сообраќајна лента, иако десната лента била слободна за сообраќај.
На осомничениот му е одредено задржување до 48 часа, по што со кривична пријава ќе биде изнесен пред надлежното обвинителство.