ДИМИТРИЕВСКИ СО СТАВ ЗА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Подобро е да се донесе Изборен законик отколку да нема решение
Лидерот на ЗНАМ од Штип порача дека е неопходно да се постигне договор за Изборниот законик, ја поддржа една изборна единица и побара решение за гласањето на дијаспората.
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека е подобро да се донесе Изборен законик отколку воопшто да не се постигне договор, нагласувајќи дека за тоа е потребен консензус меѓу сите политички чинители во земјата.
Одговарајќи на новинарско прашање во Штип дали наскоро може да се очекува усвојување на Изборниот законик, Димитриевски истакна дека ЗНАМ нема дилеми околу правото на глас на дијаспората на парламентарни и претседателски избори.
– Многу подобро е да донесете нешто, отколку да не донесете ништо – рече Димитриевски.
Тој нагласи дека правото на глас на македонските државјани кои живеат или работат во странство е уставно загарантирано.
– За нас како ЗНАМ, воопшто не е спорно гласањето на нашите граѓани кои живеат или работат привремено во странство, бидејќи тоа право им е дадено со Устав и им е загарантирано. Само треба да се изнајде формата и начинот како тие да го остварат тоа право. Зборувам за учество на парламентарни и претседателски избори. Во делот на локалните избори, лицата кои се резиденти на други држави, според нас, не треба да гласаат и не даваме согласност за таква мерка – изјави лидерот на ЗНАМ.
Во однос на предлогот Македонија да биде една изборна единица, Димитриевски рече дека неговата партија целосно го поддржува ваквиот модел.
– Како мал и нов политички субјект апсолутно го поддржуваме предлогот за една изборна единица. Доколку тој биде прифатлив и за останатите политички субјекти, секако дека ќе ја дадеме нашата поддршка – истакна тој.
На прашањето дали очекува политички договор за измените на Изборниот законик, Димитриевски рече дека тоа зависи од сите партии, а не само од ЗНАМ.
– Изненаден сум што оние кои најмногу зборуваа за потребата од измена на законот денеска повеќе ги гледаме по најлуксузните летувалишта во регионот, од каде испраќаат политички пораки дека не се согласуваат со измените и практично го блокираат процесот – рече Димитриевски.
Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ продолжи во Штип
Димитриевски денеска присуствуваше и на третата панел-дискусија од караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“, која се одржа во Штип.
Во своето обраќање тој порача дека европската иднина на државата не зависи од политички ветувања, туку од силни институции, владеење на правото и одговорни политики.
– Европа не е само политичка цел, туку начин на кој треба да ја организираме државата. Тоа значи институции што функционираат, правда што важи за сите, администрација што им служи на граѓаните и економија што создава можности. Македонија нема потреба да биде копија на никого. Треба да биде успешна држава што самоуверено ќе ги брани своите национални интереси и достоинствено ќе чекори кон Европа – изјави Димитриевски.
Тој додаде дека довербата на граѓаните се гради со конкретни резултати, а не со политички слогани.
– Политиката мора повторно да стане служба на граѓаните. Луѓето не очекуваат големи зборови, туку сигурност, подобри услуги, праведни институции и можност со својот труд да обезбедат достоинствен живот. Токму затоа ЗНАМ го избра потешкиот пат – патот на одговорноста, реформите и конкретната работа – нагласи претседателот на ЗНАМ.
На панел-дискусијата се обратија и генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, и претседавачот на Централниот одбор, Игор Филков, кои зборуваа за реформите во јавната администрација, правосудството и владеењето на правото.