ДИМИТРИЕВСКИ СЕ ПОФАЛИ ДЕКА НИЕДЕН ФУНКЦИОНЕР ОД ЗНАМ НЕ СЕ ОГРЕШИЛ ПРЕД ЗАКОНОТ Функцијата не е привилегија, туку одговорност

0

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, истакна дека Движењето за наша Македонија ги менува досегашните политички навики во државата.

– Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го менува начинот на кој политичките партии комуницираат со граѓаните. По само две години учество во извршната власт, ЗНАМ излегува пред јавноста со конкретен отчет за сработеното. Вкупно 42 функционери на централно ниво поднесоа извештаи за својата работа, кои се јавно достапни. За ЗНАМ, транспарентноста, отчетноста и одговорноста не се декларативни принципи, туку обврска кон граѓаните. Не бараме од граѓаните само да ни веруваат. Им покажуваме што сме работеле, што сме направиле и за што сме подготвени да понесеме одговорност – рече Димитриевски.






ЗНАМ останува на определбата за нула толеранција кон корупцијата во власта.

– Она што го краси ЗНАМ е фактот што ниту еден наш партиски функционер не се огрешил пред законот и дека нема простор за корупција – истакна Димитриевски.

Партијата смета дека довербата во институциите може да се гради само преку јасна политичка и лична одговорност на носителите на функции.

– Позицијата на ЗНАМ е јасна: функцијата не е привилегија, туку одговорност. Функциите за нас не се најважни. Важна е работата што треба да се заврши и резултатот што треба да го добијат граѓаните – истакна Димитриевски.

Тој посочи дека учеството на ЗНАМ во власта има и политичка функција – обезбедување стабилно и мултиетничко мнозинство, со цел државата да не се враќа во модели на политички уцени и поделби.

ЗНАМ останува на ставот дека процесот на европска интеграција треба да се одвива со јасно дефинирани услови.

– Решението е само едно: условени амандмани за членство во ЕУ – Македонија да стане полноправна членка, а амандманите да се применат дури тогаш, без какви било дополнителни уцени – додаде Димитриевски.

 

Поврзани содржини