ЧЕТВОРИЦАТА ОСОМНИЧЕНИ ЗА СМРТТА НА ПЕРИШ ПРЕМЕСТЕНИ ОД БЕЗБЕДНОСНИ ПРИЧИНИ Нов пресврт во случајот што ја потресе Хрватска
Четворицата медицински техничари осомничени за тешкото убиство на Кристијан Јосип Периш се префрлени од загрепскиот затвор Реметинец во други две установи. Одлуката е донесена од безбедносни и превентивни причини, додека нови сведоштва отвораат прашања за претходни пријави за насилство во психијатриската клиника.
Четворицата медицински техничари осомничени за тешкото убиство на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во загрепската психијатриска клиника „Свети Иван“ се преместени од затворот Реметинец во други две затворски установи.
Според сознанијата на „Јутарњи лист“, осомничените се префрлени во затворите Липовица и Карловац, по проценка на надлежните затворски служби.
Одлуката е донесена од безбедносни и превентивни причини, во договор со службите за извршување на казните при хрватското Министерство за правда.
Не се наведува дали на четворицата им биле упатени конкретни закани или дали преместувањето е исклучиво превентивна мерка.
Тие претходно биле однесени во Реметинец, откако судот во неделата им одредил едномесечен истражен притвор.
Колку долго ќе останат во новите установи ќе зависи од дополнителните безбедносни проценки.
Осомничените ќе можат да примаат посети од своите адвокати, членови на семејствата и други лица со судско одобрение.
Четворицата се под истрага за смртта на Периш, кој почина на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир.
Поранешниот атлетичар и спортски тренер бил примен во болницата за лекување, но починал по интервенција на медицинскиот персонал.
Според описот на снимките од видеонадзорот што го објавија хрватските медиуми, техничарите наводно го удирале, му го притискале вратот со колена и му држеле перница на лицето.
Истрагата треба да ја утврди одговорноста на секој од осомничените и точните околности на смртта.
Сведок тврди дека препознал еден од техничарите
Случајот доби нов пресврт откако сведок изјави дека препознал еден од осомничените медицински техничари.
Тој тврди дека истиот човек го пријавил уште во јануари годинава, поради наводно насилство врз друг пациент во истата болница.
Според пријавата поднесена на 26 јануари, инцидентот се случил на 18 декември 2025 година.
Сведокот опишал како медицински техничар удирал пациент врзан за кревет, а потоа приближно пет минути го задушувал со перница.
Наводно, половина час подоцна се вратил и повторно го нападнал пациентот.
– Ако писнеш за ова, ќе те убијам – гласела заканата што, според сведокот, му ја упатил техничарот.
Сведокот тврди дека за настанот ги известил и лекарите во болницата.
Неговиот адвокат Иван Врдољак побарал итно сослушување и спроведување постапка за препознавање на пријавениот техничар.
Сепак, според адвокатот, таква постапка не била спроведена, а техничарот продолжил да работи во клиниката.
Овие наводи ги објави хрватскиот портал „Новости“, а ги пренесоа и други хрватски медиуми.
Оставка на директорката, 3.000 потписи за еден ден
По смртта на Периш, во Хрватска се засилија барањата за утврдување одговорност во здравствените установи.
Директорката на психијатриската клиника „Свети Иван“, Мајда Грах, на 12 ноември поднесе оставка.
Информацијата ја потврди градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, на седница на Градското собрание.
Хрватското здружение за промоција на правата на пациентите соопшти дека за само еден ден собрало 3.000 потписи за петиција поврзана со случајот.
„Од вчера се собрани 3.000 потписи. Ве молиме да продолжите активно да го споделувате линкот и вие, како медиуми, да придонесете да се каже доста! Сите сме пациенти денес или утре!“, порача здружението.
Петицијата, насловена „Доста со молчењето: Бараме одговорност и оставки поради случајот Јанкомир“, бара промени во заштитата на правата на психијатриските пациенти.
Меѓу барањата се оставка на министерката за здравство Ирена Хрстиќ и оставка на претседателката на Управниот одбор на болницата, Миранда Мрсиќ.