🎥 БУСИ ФИЛИПС СЛУЧАЈНО ОТКРИЛА ДЕКА ИМА ТУМОР ВО МОЗОКОТ Актерката отишла на преглед еден ден по смртта на нејзиниот колега Џејмс Ван Дер Бик
На ѕвездата на серијата „Dawson’s Creek“ ѝ бил дијагностициран редок малиген тумор на мозокот откако се подложила на преглед, еден ден откако нејзиниот колега од серијата Џејмс Ван Дер Бик почина од рак.
Актерката Буси Филипс откри дека претходно оваа година ѝ бил дијагностициран редок малиген тумор на мозокот и дека поминала низ две операции. 47-годишната актерка, позната по сериите „Dawson’s Creek“, „Freaks and Geeks“ и „Cougar Town“, за People раскажа дека изминатите шест месеци биле „најчудните“ во нејзиниот живот.
View this post on Instagram
Туморот бил откриен во февруари, сосема случајно. Филипс решила да направи магнетна резонанца на целото тело, иако немала очигледни симптоми како напади или други невролошки проблеми. Претходно, на редовниот преглед, нејзиниот лекар ѝ рекол дека нема потреба од такво снимање бидејќи е здрава и крвните анализи ѝ биле нормални. Таа сепак инсистирала да го направи.
На снимката лекарите забележале промена на мозокот, по што следела дополнителна магнетна резонанца. Таа покажала тумор од 2,6 сантиметри во фронталниот лобус. Филипс морала да се оперира што е можно побрзо. Операцијата на 2 март траела околу пет часа, а лекарите успешно го отстраниле туморот.
Дури откако ткивото било извадено и анализирано, било утврдено дека станува збор за олигодендроглиом од втор степен, редок тумор кој расте бавно. Иако е класифициран како малиген, нејзиниот невроонколог објаснил дека овој тип има една од најдобрите прогнози меѓу малигните глиоми. Бидејќи туморот бил откриен рано и целосно отстранет, Филипс нема да има потреба од хемотерапија или радиотерапија.
По првата операција, закрепнувањето изгледало прилично брзо. Само два дена подоцна се вратила дома, а за околу пет недели повторно започнала со работа на новата серија „Cupertino“ на CBS. Сепак, додека снимала, дошло до неочекуван проблем.
Во април, при една посета кај дерматолог, лекарот забележал дека нешто не е во ред со местото на операцијата. Ја советувал веднаш да испрати фотографија до своите хирурзи, кои потоа утврдиле дека има стафилококна инфекција. Поради тоа морала повторно да биде оперирана, овојпат за да се исчисти заразеното и оштетено ткиво. Во текот на втората операција бил отстранет и еден од титаниумските фиксатори што го држеле черепот.
Филипс признала дека втората операција психички многу потешко ја погодила. Откако по првата интервенција се чувствувала како брзо да се враќа во нормала, инфекцијата направила да има чувство дека повторно е на почетокот. Лекарите, сепак, велат дека и по втората интервенција се опоравила многу брзо.
Интересно е што Филипс со години чувствувала дека нешто „не е во ред“ со нејзиниот мозок, но не знаела што е причината. Во изминатите две години на пријателите им зборувала дека чувствува како мозокот да ѝ е „расипан“, а некои промени во расположението и однесувањето ги припишувала на перименопаузата. Нејзиниот лекар не може да потврди дали тие промени биле поврзани со туморот. По операцијата, актерката вели дека повеќе нема такво чувство.
На одлуката да го направи снимањето влијаела и смртта на нејзиниот поранешен колега и пријател Џејмс Ван Дер Бик, кој почина во февруари по борба со рак на дебелото црево. Филипс првично размислувала да го откаже прегледот, но нејзиниот поранешен сопруг Марк Силверстајн ја убедил да оди. Само еден ден по неговата смрт, таа го направила снимањето кое ѝ го открило туморот.
Дијагнозата била особено тешка за нејзините две ќерки. Постарата Биди била многу исплашена, додека помладата Крикет, според Филипс, повеќе се фокусирала на тоа дали мајка ѝ ќе биде добро.
View this post on Instagram
Во периодот на опоравување голема поддршка ѝ дала и долгогодишната пријателка и колешка Мишел Вилијамс, која дури организирала достава на храна за да не мора да готви.
Филипс сега ќе мора редовно да прави контролни снимања за да се следи дали туморот ќе се врати. Нејзиниот лекар е оптимист и смета дека има многу добри шанси да нема повторување на болеста.