БУГАРИТЕ ЌЕ ЈА ЧУВААТ ИВА МИХАИЛОВА СО ПОЛИЦИЈА!? Министерот за внатрешни работи лично ѝ понуди обезбедување

Од МНР оценија дека ваквото постапување на бугарските институции ја поткопува довербата меѓу двете држави и е спротивно на заложбите за добрососедски односи.

221

Бугарските власти ќе ги испитаат околностите под кои Ива Михаилова пристигнала во Бугарија. Доколку се утврди дека ѝ е потребно обезбедување, ќе ѝ биде доделена заштита, изјавил бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, пренесува „Новини.бг“.

Михаилова моментално се наоѓа во болницата „Пирогов“ во Софија, откако ја напушти Македонија, каде против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.






„Известен сум дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во ‘Пирогов’. Ќе се преземат чекори за нејзино сослушување и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата“, изјавил Демерџиев, додавајќи дека ќе бидат испитани и другите околности, вклучително и евентуалната потреба од обезбедување.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија остро реагираше на приемот на Михаилова во Софија.

Од МНР оценуваат дека ваквото постапување на бугарските институции ја поткопува довербата меѓу двете држави и е спротивно на заложбите за добрососедски односи.

Од Министерството нагласуваат дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да бидат заштита од судска одговорност.

Најавија и дека за случајот ќе ги информираат меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

Случајот добива дополнителна политичка димензија поради таткото на Ива Михаилова, Симеон Михаилов, кој се наоѓа во Бугарија.

Според објавените информации, во Македонија има правосилна затворска пресуда против него – осуден е на 12,5 години затвор за обид за убиство на Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски. МВР го бара со меѓународна потерница за издржување на казната.

Пред еден месец Михаилов се појавил на протест пред македонската амбасада во Софија, каде во изјава за бугарската телевизија Б-ТВ ја нарекол Македонија „сурова земја“, критикувајќи ги ограничувањата за патување на неговата ќерка додека трае судскиот процес.

Поврзани содржини