БЕШЕ ЕДНА ОД НАЈПЛАТЕНИТЕ МАНЕКЕНКИ, А ПОТОА МИСТЕРИОЗНО ИСЧЕЗНА Карен Мулдер се враќа на модната сцена на 57 години 

По години молк, холандската суперѕвезда од 90-тите повторно е на насловната на германското издание на „Вог“ и најавува враќање на модната писта

13

Холандската манекенка Карен Мулдер (57), една од најпознатите и најплатени суперманекенки во 90-тите години, повторно се враќа во центарот на вниманието. Откако пред повеќе од две децении се повлече од јавноста, Мулдер повторно позираше за престижниот магазин „Вог“ – овојпат за германското издание, а најави и враќање на модната писта.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by VOGUE Germany (@voguegermany)






Мулдер во текот на својата кариера работеше за најголемите модни куќи, меѓу кои „Диор“, „Шанел“ и „Версаче“, а беше и меѓу првите ангели на „Викторија сикрет“. Во 90-тите ги полнеше насловните страници на модните списанија и чекореше по пистите покрај имиња како Наоми Кембел, Клаудија Шифер и Хелена Кристенсен.

Уште на 15 години било забележано дека има потенцијал за манекенство. Кариерата ѝ тргна по нагорна линија откако нејзина пријателка, без нејзино знаење, испратила фотографии од неа на натпревар на „Елит модел менаџмент“. Таа стигна до финалето во Париз, а потоа започна кариера која ја однесе на најголемите светски модни писти. Според архивите на „Вог“, Мулдер била едно од клучните лица на ерата на супермоделите во 90-тите.

Но, на врвот на кариерата, нејзиниот живот доби драматичен пресврт. Во 2001 година, на 32-годишна возраст, таа се појави во француска телевизиска емисија во која зборуваше за однесувањето во модната индустрија, вклучително и за злоупотреба на дрога и закани. Емисијата никогаш не беше емитувана, а Мулдер потоа за своите тврдења зборуваше и пред француската полиција.

После тоа беше примена во психијатриска установа во Париз, а неколку месеци подоцна пред полицијата изјави дека ги измислила обвинувањата. Сега, во интервју за „Вог“ вели дека била принудена да молчи:

– Бев принудена да кажам дека сум измислила сè. Таа не открива кој и зошто ја натерал на тоа, но вели дека ѝ се случиле „страшни и нехумани работи“.

– Мислев дека луѓето ќе ми веруваат затоа што сум позната. Сè што сакав беше тие страшни работи да престанат – мажите да престанат да мислат дека можат да прават што сакаат – вели Мулдер.

Во новото интервју таа зборува и за своите почетоци во модниот свет. Вели дека на фотографиите постојано се смеела и дека дури подоцна научила да се однесува поинаку пред камерата.

– Бев млада и наивна. На почетокот, сè што можев да правам на фотографиите беше да се смеам. Дури кога ќе ми се допаднеше фотографот на снимањето, можев да изгледам секси –  раскажа таа, додавајќи дека денес мисли оти насмевката можеби била некаков одбранбен механизам.

По долгогодишното отсуство, Мулдер денес гледа пооптимистично кон иднината.

– Во иднината гледам само позитивно – вели таа, а нејзиното повторно појавување на модната писта е планирано за септември.

Нејзиното појавување на насловната страница на германскиот „Вог“ е првата таква насловна по повеќе од три децении и означува големо враќање на манекенката која некогаш беше едно од најпрепознатливите лица на светската мода.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by VOGUE Germany (@voguegermany)

Поврзани содржини