ЗАГАДЕНАТА КОСОВСКА ВОДА НЕ БИЛА ПУШТЕНА ВО ПРОДАЖБА Увозникот ја пратил водата на второ лабораториско мислење
Ги известуваме граѓаните дека спорната пратка не е пуштена во промет и се наоѓа под инспекциски надзор во магацинот нa увозникот. Сите досега увезени количини од оваа вода се безбедни - нагласуваат од Агенцијата.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди дека во пратка со минералната вода „Ругове“, увезена од Косово, е утврдено присуство на колиформни бактерии. Спорната пратка не е пуштена во промет и се наоѓа во магацинот на увозникот, додека институцијата презема дополнителни мерки за заштита на потрошувачите, истакнуваат од Агенцијата.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната (вклучително и за изворската минерална вода која се увезува во земјава), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) врши редовни контроли при увоз, кои вклучуваат и лабораториско тестирање на земени мостри. За изворската минерална вода по потекло од Република Косово, од чија пратка, ставена под инспекциски надзор при увоз во магацинот на увозникот земена е мостра за лабораториско тестирање, утврдено е отстапување од безбедносните критериуми дефинирани со Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), односно, утврдено е присуство на колиформни бактерии – велат од Агенцијата.
Оттаму велат дека веднаш биле преземени соодветни мерки.
– Поради овие причини, до добивање на негативен лабораториски резултат на присуство на колиформни бактерии, АХВ донесе мерка со која ги стави под засилен инспекциски надзор со лабораториско тестирање на наредните пратки со природна изворска вода по потекло од оваа земја – велат од АХВ.
Како што додаваат од Агенцијата, граѓаните можат да бидат спокојни, зашто контаминираната пратка не е пуштена во продажба и останува под строг инспекциски надзор во магацинот на увозникот.
– Ги известуваме граѓаните дека спорната пратка не е пуштена во промет и се наоѓа под инспекциски надзор во магацинот нa увозникот. Сите досега увезени количини од оваа вода се безбедни – нагласуваат од Агенцијата.
Не се пиело само во Град Скопје од косовската вода
Град Скопје жестоко реагираше на обвинувањата објавени во некои медиуми дека во институциите под негова надлежност се служи контаминирана вода, оценувајќи ги ваквите медиумски извештаи како неетични и непрофесионални.
Од Градот потенцираат дека не само нивните установи, туку и голем дел од државната администрација се снабдува со вода од истиот економски оператор, компанијата „Даути комерц“ од село Бојане.
Град Скопје, повикувајќи се на податоци од Бирото за јавни набавки приложи список на 23 договори за набавка на вода од истата компанија, склучени со различни институции.
Во реакцијата се нагласува дека Град Скопје нема добиено никакво известување од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата што ја користат институциите е неисправна. Тие посочуваат дека сите набавки се прават преку законски предвидени тендерски процедури, при што се купуваат производи кои имаат дозвола за продажба во земјата.
„Доколку Агенцијата за храна и ветеринарство ги направила потребните проверки при увозот, тогаш производот не требало да се најде на македонскиот пазар ако бил небезбеден“, нагласуваат од Градот, додавајќи дека доколку постојат нерегуларности, одговорноста е на надлежните институции кои го дозволиле увозот.
Водата „Ругове“ била пратена и на второ мислење
Компанијата „Даути комерц“, увозник на изворската минерална вода „Ругове“, реагираше на известувањето од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за наводно присуство на колиформни бактерии во една пратка од Косово. Оттаму посочуваат дека по првичната анализа, која предизвика загриженост, биле направени дополнителни испитувања во акредитирана лабораторија, кои покажале дека водата ги исполнува сите пропишани стандарди.
По добиениот лабораториски наод од Факултетот за ветеринарна медицина, „Даути комерц“ веднаш поднел барање за ново тестирање, кое е спроведено на 24 февруари 2025 година. Според компанијата, втората анализа, извршена од акредитираната лабораторија „Фуд лаб“, покажала дека примерокот од водата е целосно безбеден за употреба и ги исполнува сите критериуми утврдени во Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална и изворска вода.
„Ова го потенцираме бидејќи, согласно регулативите, потребни се три тестирања за да се донесе конечна оцена за квалитетот на водата. Втората анализа, која е спроведена во реномирана лабораторија, покажува дека водата ги задоволува пропишаните стандарди“, наведуваат од компанијата.
Од „Даути комерц“ истакнуваат дека е од клучно значење јавноста да биде точно и непристрасно информирана за исправноста на водата „Ругове“, со цел да се спречат потенцијални дезинформации што би можеле да му наштетат на брендот.
– Водата „Ругове“ е широко прифатен и користен производ на македонскиот пазар. Наша обврска е да ја гарантираме нејзината безбедност, но и да реагираме кога ќе се појават информации што можат да доведат до неоправдана загриженост кај потрошувачите – порачуваат од компанијата и додаваат дека во наредниот период ќе продолжат со редовни проверки и соработка со надлежните институции за да обезбедат највисок квалитет и доверба кај потрошувачите.