АМЕРИКАНКАТА КОЈА ПРЕЖИВЕА ДВЕ СМРТОНОСНИ ИНЈЕКЦИИ СЕ РАБУДИ И ЗБОРУВА СО АДВОКАТИТЕ Следува неизвесна и сложена правна битка за нејзината иднина
Против сите очекувања, Криста Пајк е свесна, зборува и продолжува да добива интензивна медицинска помош. Нејзиното закрепнување е медицински преседан. Прогнозата останува нејасна, но барем очекуваме долго закрепнување, изјавија вчера адвокатите на осуденичката која ги преживеа извршувањето на смртната казна во затвор во Тенеси.
Се разбуди Американката Криста Пајк (50) која пред една недела ја преживеа сопствената егзекуција во затворот во Тенеси, кога ѝ беа дадени две смртоносни дози од седативот пентобарбитал. Нејзините адвокати велат дека таа е свесна и разговара со нив.
Пајк беше однесена во болница на 30 септември откако државата Тенеси не успеа да ја изврши смртната казна во затворот со максимална безбедност Ривербенд во Нешвил. Беше во кома, приклучена на респиратор и во критична состојба.
– Против сите очекувања, Криста Пајк е свесна, зборува и продолжува да добива интензивна медицинска помош. Нејзиното закрепнување е медицински преседан. Прогнозата останува нејасна, но барем очекуваме долго закрепнување. – изјавија вчера нејзините адвокати.
Адвокатите додадоа дека Пајк останува врзана со лисици за болнички кревет, „и покрај сериозните повреди што ги претрпе на рацете“.
Тие им се заблагодарија на службите за итни случаи и на медицинскиот тим на болницата за „третирање на Криста како човечко суштество и обезбедување грижа од највисоко ниво“.
– Пајк е единствената личност за која се знае дека преживеала обид за егзекуција во Соединетите Држави – рекоа нејзините адвокати.
Таа ги преживеа двете дози пентобарбитал, но сипстанцата очигледно не била правилно внесена во крвотокот, туку во ткивото околу вените на двете раце. Адвокатите велат дека таа има сериозни повреди на двете раце – оток, изгореници и плускавци – и дека претстои долг период на опоравување. Долгорочната прогноза за нејзиното здравје засега не е позната.
Следниот чекор на одбраната е двоен. Адвокатите бараат да се сочуваат сите докази поврзани со обидот за егзекуција – медицинските и извршните записи, податоците за лекот, серијата и количината на пентобарбитал, како и документацијата за поставувањето на интравенските линии. Тие тврдат дека проблемот со вените на Пајк бил однапред познат и дека државата не успеала правилно да реагира кога процедурата тргнала наопаку. За ова е закажано судско рочиште.
Вториот и за адвокатите најважен фронт е смртната казна да биде заменета со доживотен затвор без можност за условен отпуст. Адвокатот Стив Ферел повторно побара од гувернерот на Тенеси, Бил Ли „да ја тргне смртта од маса“. Такво барање Ли веќе еднаш одби, непосредно пред неуспешната егзекуција, но одбраната сега тврди дека државата веќе спровела целосен обид за погубување и дека Пајк претрпела сериозни физички последици.
Одделот за корекции на Тенеси инсистира дека нивниот тим го следел државниот протокол за погубување.
„Хемикалијата за смртоносна инјекција во протоколот отсекогаш била ефикасна и протоколот не бара никакви дополнителни процедури освен она што беше извршено таа вечер“, соопшти одделот.
Гувернерот Ли нареди независна истрага за случајот.
Криста Пајк е осудена на смрт за убиството на нејзината соученичка, 19-годишната Колин Слемер, извршено во јануари 1995 година. Пајк, тогаш 18-годишна, нејзиното 17-годишно момче и уште едно девојче ја намамиле Слемер во шумска област. Таму, Слемер била претепана и избодена. Пајк ѝ ја згмечила главата со големо парче асфалт. Потоа ѝ отсекла дел од скалпот за да го чува како трофеј. Шип на нејзините гради врежал пентаграм. Поради суровото убиство Пајк беше осудена на смрт. Шип имаше 17 години во времето на злосторството и затоа не доби смртна казна, туку доживотен, а Шадола Петерсон, сведочеше против нив и доби условна казна.
На прашањето што многумина сега си го поставуват – може ли Тенеси повторно да ја погуби Пајк, одговорот е „да“, но кога и како е крајно неизвесно. Не постои правило според кое преживеаната егзекуција ја поништува смртната пресуда. Во американската историја има случаи кога државите повторно се обиделе да погубат затвореник по неуспешна егзекуција. Но, случајот на Пајк е правно необичен бидејќи таа навистина прими две дози од смртоносниот лек и преживеа, за разлика од случаи во кои егзекуцијата била прекината пред лекот да биде успешно внесен. Правните експерти затоа очекуваат нови сериозни судски спорови пред евентуален втор обид.