АЛТЕРНАТИВА ВЛЕГУВА ВО ВЛАДАТА, ДУИ ИЗЛЕГУВА НА ИЗБОРИ Ја намириса ли Ахмети можноста за освојување нов мандат?
Голема е веројатноста партијата на Али Ахмети да повика на предвремени парламентарни избори кои би се одржале идната пролет, а на кои ќе се обиде да ја искористи разединетоста кај „контра-ДУИ“ опозицијата.
Сè поизвесно е дека премиерот Зоран Заев ќе ја убеди Алтернатива на Африм Гаши да се приклучи на владејачката коалиција, но тоа ќе го стори по цена на одржување брзи предвремени парламентарни избори по иницијатива на својот коалиционен партнер Али Ахмети.
Ова го тврдат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, а кои објаснуваат дека со потегот на Алтернатива да се отцепи од коалицијата со Алијанса за Албанците, ќе пораснат и апетитите на ДУИ за освојување уште еден мандат преку присвојување на искрените и разочараните, но и на клиентелистичките гласачи на Алтернатива од минатите избори.
Според нашите соговорници, голема е веројатноста партијата на Али Ахмети да повика на предвремени парламентарни избори кои би се одржале идната пролет, а на кои ќе се обиде да ја искористи разединетоста кај „контра-ДУИ“ опозицијата.
Дека се крчка таков план во Мала Речица говори и вчерашната изјава на висок функционер на ДУИ, кој за Слободен печат откри дека партискиот лидер Али Ахмети ќе се обиде со сите сили да го убеди премиерот Зоран Заев до март идната година да не си поднесува оставка од премиерската функција.
ДУИ е во пол-позиција
Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС) во изјава за Плусинфо вели дека постои веројатност ДУИ да побара предвремени парламентарни избори кои би се одржале идната пролет, бидејќи, како што објаснува, партијата на Али Ахмети се наоѓа во многу поволна позиција откако Алтернатива ја напушти „контра-ДУИ“ коалицијата со Алијанса за Албанците.
ДУИ е во многу поволна позиција, а одржувањето на предвремени избори ќе значи нов мандат за оваа партија.
– Актуелната политичка состојба во земјава најмногу ѝ одговара на партијата на Али Ахмети, бидејќи повторно сè зависи од ДУИ. Самоуништувачкиот потег на Алтернатива, која одлучи да ја напушти „контра-ДУИ“ коалицијата со Алијанса за Албанците и да стане дел од владата, практично му обезбеди нов мандат на Ахмети. Зошто, на пример, во март или во април следната година раководството на ДУИ да не повика на предвремени парламентарни избори? Оваа партија сега ќе сака максимално да го искористи своето стабилно гласачко тело, но ќе сака и да го искористи фактот дека „контра-ДУИ“ опозицијата сега е разединета и е во процес на консолидација. Од Алтернатива нема да сакаат предвремени избори, бидејќи ќе им треба време за да соберат доволно клиентелистички гласови. Мене воопшто нема да ме изненади доколку ДУИ предизвика предвремени парламентарни избори идната пролет, бидејќи тогаш клиентелистичките гласови на Алтернатива ќе се префрлат кај партијата на Ахмети. ДУИ е во многу поволна позиција, а одржувањето на предвремени избори ќе значи нов мандат за оваа партија – објаснува Божиновски.
Датумот за избори зависи од датумот за членство во ЕУ
И политичкиот аналитичар Петар Арсовски се согласува со тоа дека разединувањето на албансаката опозиција ѝ оди во корист на партијата на Али Ахмети, но како што вели, одржувањето брзи предвремени избори многу ќе зависи од преговорите со Бугарија за членство на земјава во Европската Унија.
Јас сметам дека не треба да се одржат избори до јуни идната година кога ќе имаме можност да направиме уште еден обид со Бугарија, бидејќи овој обид на 14 декември нема шанси да успее.
– Расцепканата албанска опозиција секако дека ќе ѝ помогне на ДУИ да освои поволен резултат на идните парламентарни избори без разлика кога ќе се одржат. И тука не е важна причината поради која се расцепкала албанската опозиција. Не е важно дали Алтернатива ќе ја сметаат за клиентелистичка или за неклиентелистичка партија. Сепак, ДУИ може да бара предвремени парламентарни избори, но на тоа мора да се согласи и СДСМ. Јас лично сметам дека одржувањето на предвремени парламентарни избори многу ќе зависи од тоа дали ќе имаме некаков пробив со Бугарија во декември или во јануари. Ако се појави некаква надеж за изнаоѓање решение со нашиот источен сосед, тоа дефинитивно ќе го стабилизира мнозинството и ќе ги одложи изборите до есен наредната година. Но, ако нема на повидок решение, тогаш ќе се забрзуваат предвремените парламентарни избори, бидејќи главната причина поради која Алтернатива влегува во владата се евроатлантските интеграции. Ако не се покаже некаков напредок во тој процес, тогаш ќе се зголеми и политичката криза во земјава. Јас сметам дека не треба да се одржат избори до јуни идната година кога ќе имаме можност да направиме уште еден обид со Бугарија, бидејќи овој обид на 14 декември нема шанси да успее – објаснува Арсовски.