БАЛКАНОТ ПОД СНЕЖЕН УДАР Студениот бран во Македонија ќе донесе утра со -14 степени
Декември во Македонија ќе почне со силен мраз. За викендот врнежите од додж ќе преминат во снег. В понеделник минималните температури ќе се спуштат до -7 степени, додека во вторник и во среда на места ќе достигнат до -14 степени.
Снег, силен ветер и значително заладување денеска зафатија повеќе земји на Балканот. Загреб и делови од Белград побелеа, на хрватското крајбрежје се затвораат патишта поради силниот ветер, додека во Србија синоптичарите предупредуваат на снежни наноси и на можни проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Во Македонија е најавен снег на планините. Од почетокот на декември утринските температури ќе се спуштат и до -14 степени. На повисоките населени места се очекуваат од 2 до 10 сантиметри снег.
Услови за преминување на дождот во снег вечерва ќе има и во Скопје.
Врнежите ќе престанат в недела кон крајот на денот. Во понеделник минималните температуриќе се спуштат до -7 степени, додека во вторник и во среда на места ќе достигнат до -14 степени.
Силен снег утрово го зафати хрватскиот главен град Загреб. Снег паѓа и во централниот дел на земјата, во Подравина и во Славонија. На повисоките места снежната покривка достигна од 10 до 20 сантиметри.
Хрватските синоптичари издадоа црвено предупредување за Велебитскиот Канал, каде што се очекуваат налети на ветерот над 165 километри на час. Поради силниот ветер, според хрватскиот Тпортал, за целосен сообраќај е затворена делница од Јадранската магистрала. На делови од автопатиштата А1 и А6 е дозволено движење само на патнички автомобили.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија предупреди на обилни снежни врнежи во западните, во јужните и во источните делови на земјата.
Во пониските предели се очекува снежна покривка од 5 до 20 сантиметри, додека на планините за 24 часа може да наврнат над 30 сантиметри снег.
Влажниот снег би можел да предизвика проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија. Во планинските предели на источна Србија во текот на ноќта се очекуваат налети на ветерот до 90 километри на час.
Снег и дожд денеска паѓаат и во Босна и Херцеговина.