УНГАРИЈА НЕМА ДА ПЛАЌА ПОВЕЌЕ ЗА БУЏЕТОТ НА ЕУ Маѓар бара да се зачуваат парите за земјоделството и регионите

Унгарскиот премиер најави дека Будимпешта ќе се бори за зачувување на средствата за кохезионата и земјоделската политика и нема да прифати поврзување на буџетот со финансирањето на Украина.

0

Унгарија нема да прифати предлог за следниот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку тој предвидува зголемување на нејзините финансиски придонеси и намалување на средствата што ги добива, изјави денеска во Брисел унгарскиот премиер Петер Маѓар.

Во видеопорака објавена на Фејсбук од маргините на самитот на лидерите на земјите членки на ЕУ, Маѓар оцени дека најважниот дел од преговорите допрва претстои, бидејќи следува, како што го нарече, „вистинското пазарење“ за новата седумгодишна финансиска рамка на Унијата.






Тој посочи дека Унгарија веќе јасно ставила до знаење дека не може да прифати буџетски предлог со кој би се зголемиле нејзините придонеси. Наместо тоа, Будимпешта се залага за долгорочен буџет во кој традиционалните политики на ЕУ, како кохезионата политика и Заедничката земјоделска политика, ќе добијат средства приближно на нивото од претходните години.

– Унгарија, заедно со неколку други земји членки, исто така јасно стави до знаење дека не може да прифати предлог што на кој било начин го поврзува финансирањето на Украина со следниот седумгодишен буџет на ЕУ – истакна Маѓар.

Тој информираше дека во текот на денот разговарал со претставници на групата од 17 земји членки позната како „Пријатели на кохезијата“. Според него, Унгарија одржува постојан контакт и со земјите од Вишеградската група, со цел заеднички да ги зајакнат своите преговарачки позиции.

– Заедно, обединети, ги браниме кохезионата политика и интересите на Централна Европа. Интересите на Унгарија, на унгарскиот народ и на унгарските бизниси се на прво место – порача унгарскиот премиер.

На дневниот ред на денешниот состанок на Европскиот совет е и следната седумгодишна финансиска рамка на Европската Унија, која ќе го опфати периодот по 2027 година. Лидерите разговараат и за обезбедување финансиска поддршка за Украина во текот на 2027 година.

Поврзани содржини