СЕМЕЈСТВА ВО БУГАРИЈА И ВО РОМАНИЈА ЖИВЕАТ ВО ЛУКСУЗ, А ГЕРМАНИЈА ПЛАЌА Вајдел од АФД бара радикални промени во социјалната и во миграциската политика

Никој не знае со сигурност дали овие деца воопшто постојат, но во Романија и во Бугарија цели семејства живеат кралски благодарение на бенефициите од Германија, рече лидерката на АФД, Алис Вајдел во Бундестагот, на дебатите за нацрт-буџетот на Германија за 2027 година.

86

Цели семејства во Бугарија и во Романија живеат во луксуз благодарение на социјалните исплати од германската држава, изјави копретседателката на партијата Алтернатива за Германија, Алис Вајдел, од говорницата на Бундестагот.

Изјавата беше дадена на 25 ноември за време на дебатите за нацрт-буџетот на Германија за 2027 година, во износ од 560,9 милијарди евра, во присуство на канцеларот Фридрих Мерц.






Вајдел го критикуваше германскиот систем за социјална помош и ја доведе во прашање контролата врз исплатата на детските додатоци за децата што живеат надвор од земјата.

„Никој не знае дали постојат тие деца“

– Никој не знае со сигурност дали овие деца воопшто постојат, но во Романија и во Бугарија цели семејства живеат кралски благодарение на бенефициите од Германија – рече лидерката на АФД.

Според Вајдел, детските додатоци што им се исплаќаат на децата во странство се зголемиле десеткратно за неколку години, достигнувајќи над половина милијарда евра годишно.

Вајдел, исто така, ја нападна целокупната социјална и миграциска политика на владата на Фридрих Мерц. Таа изјави дека трошоците на германскиот систем за социјална помош надминуваат 50 милијарди евра и продолжуваат да растат. Според неа, речиси две третини од корисниците на овие бенефиции се од мигрантско потекло.

Копретседателката на АФД инсистира на зајакнати гранични контроли, одбивање да се примат нелегални мигранти, забрзување на депортациите, обезбедување бенефиции во натура наместо во готово за барателите на азил и воведување построги критериуми за стекнување германско државјанство, што треба да биде можно најрано по 10 години.

Реакција од Романија

Романскиот министер за надворешни работи, Дан Некулеску, ги отфрли обвинувањата на Вајдел по состанокот со претставници на романската заедница во Берлин.

– Ние го отфрламе користењето на романската заедница во Германија за политички цели и обидите за разгорување тензии во нашите општества – рече Некулеску.

Шефот на романската дипломатија истакна дека стапката на вработеност кај романските граѓани во Германија е околу 70%, што е едно од највисоките нивоа кај граѓаните на ЕУ што живеат во Германија.

Тој нагласи дека економскиот и социјалниот придонес на романската заедница е признат и од германските власти и од работодавачите.

Според правилата на ЕУ за координација на системите за социјално осигурување, граѓаните кои работат во една земја-членка можат, под одредени услови, да добиваат семејни надоместоци за своите деца што живеат во друга земја-членка на ЕУ.

Германската федерална агенција за вработување експлицитно наведува дека при аплицирање за детски надоместоци во прекугранични случаи мора да се достави копија од изводот од матичната книга на родените на детето или друг официјален документ што го докажува неговото постоење, како и документи за вработувањето на подносителот на барањето. Затоа, исплатата на германски детски надоместоци за деца што живеат во Бугарија или во Романија не претставува прекршување на законот.

Додадок за 254.500 деца во странство

Изјавата на Вајдел доаѓа само неколку недели откако таа ги обвини романските мигранти на социјалната мрежа Икс дека го ограбуваат германскиот систем за социјална помош. Во тоа време, политичарката повторно повика на радикална промена во миграциската политика на Германија.

Според податоците на германската Федерална агенција за вработување, во 2025 година на банкарски сметки во странство биле префрлени околу 528 милиони евра детски додаток. За споредба, во 2011 година оваа сума изнесувала околу 45,7 милиони евра.

Во 2025 година германски детски додаток добивале околу 17,57 милиони деца, а околу 254.500 деца со странско државјанство живееле надвор од Германија. Тоа е приближно 1,4 отсто од сите деца за кои се исплаќа оваа помош. Меѓу државите со најголем број деца за кои се исплаќа германски додаток се Полска со 112.384 и Романија со 32.459 деца. Во најголем дел, станува збор за семејства во кои родителите работат во Германија, а децата живеат во матичната земја.

АФД бара радикално ограничување на ваквиот систем. Партијата предлага детскиот додаток за деца кои живеат во други земји да се приспособува според трошоците за живот во нивната држава. Исто така, бара пристапот до социјална помош за работоспособните граѓани на ЕУ да биде условен со најмалку 5 години работа, што обезбедува издршка и познавање на германскиот јазик на ниво Б2.

Партијата сака и да го спречи остварувањето на право на долгорочна социјална поддршка преку минимално платени работни ангажмани, како и да воведе построги контроли на вистинското место на живеење и исполнувањето на условите за добивање надоместоци. За овие промени бара и ревизија на европските правила за слободно движење и пристап до социјалните системи.

Предлозите на АФД предизвикуваат политички судири во Германија, бидејќи отвораат прашања за злоупотребата на социјалниот систем, но и за правата на граѓаните на Европската Унија кои легално работат во друга земја-членка. Дел од барањата на партијата се веќе доставени до Бундестагот, но сè уште не се претворени во законски измени.

Поврзани содржини