ИЛОН МАСК ПОДАРУВА АКЦИИ НА СПЕЈС ИКС НА СЕКОЕ ДЕТЕ ВО САД Вкупната вредност на подарокот се проценува на повеќе од 18 милијарди долари

На затворањето на берзата во средата, 25 ноември, една акција на Спејс Икс чинеше 127,44 долари. Тоа значи дека двете акции што треба да ги добие секое дете имаат моментална берзанска вредност од околу 255 долари.

0

Американскиот милијардер Илон Маск објави дека секое дете во САД ќе добие две акции од неговата компанија Спејс Икс – една од компанијата, а другата од него лично.

„Секое дете во САД ќе добие две акции од Спејс Икс: една од компанијата и една од мене лично“, напиша Маск на социјалната мрежа Икс.






Објавата доаѓа откако во октомври Маск вети дека во 2027 година ќе подари по една своја акција од Спејс Икс на секое дете во САД. Со најновата одлука, подарокот е удвоен.

Според проценките на американското Биро за попис, во САД живеат околу 72 милиони деца помлади од 18 години. Доколку сите добијат по две акции, вкупниот број на подарени акции би изнесувал околу 144 милиони.

Спејс Икс соопшти дека ќе додели по една новоиздадена акција од класата А на секоја активна сметка во програмата „Трамп акаунтс“, наменета за долгорочно штедење и инвестирање за американските деца. Маск најави дека лично ќе го удвои бројот на акции што ќе ги подари компанијата.

Првата акција, од компанијата, треба да биде префрлена во декември годинава, додека личниот подарок на Маск се очекува во јуни 2027 година, кога истекува ограничувањето за продажба и пренос на неговите акции. Засега не е целосно разјаснето дали и неговиот личен подарок ќе биде ограничен на децата со активни сметки во програмата „Трамп акаунтс“.

Според Си-Ен-Би-Си, Маск поседува милијарди акции на Спејс Икс, а регулаторните податоци објавени во август покажуваат дека на 30 јуни имал удел од 48,4 отсто во компанијата, односно околу 6,42 милијарди акции.

Спејс Икс вреди околу 1,8 билиони долари

Спејс Икс е една од највредните компании во светот. Нејзината пазарна вредност во последните денови се проценува на околу 1,8 билиони долари. Компанијата од јуни годинава котира на американската берза НАСДАК, под ознаката SPCX, по една од најголемите иницијални јавни понуди на акции во историјата, со која собра околу 85,7 милијарди долари.

На затворањето на берзата во средата, 25 ноември, една акција на Спејс Икс чинеше 127,44 долари. Тоа значи дека двете акции што треба да ги добие секое дете имаат моментална берзанска вредност од околу 255 долари. Пресметано за околу 72 милиони деца, вкупниот подарок би вредeл приближно 18,35 милијарди долари.

Од ракети до сателитски интернет и вештачка интелигенција

Спејс Икс (Space Exploration Technologies) е основана во 2002 година од Илон Маск, со цел да го намали трошокот за вселенски летови и да развие технологии за идно човечко населување на други планети.

Компанијата ги произведува ракетите Фалкон (Falcon 9 и Falcon Heavy) со кои лансира сателити, товар и астронаути во вселената. Нејзиното вселенско летало Драгон (Dragon) превезува астронаути и материјали до Меѓународната вселенска станица, во соработка со американската вселенска агенција НАСА.

Еден од најголемите бизниси на Спејс Икс е Старлинк (Starlink), сателитската интернет-мрежа која обезбедува интернет-пристап во голем број земји во светот. Компанијата истовремено го развива и Старшип (Starship), нова генерација вселенски летала и ракети наменети за транспорт на луѓе и товар, вклучително и идни мисии на Месечината и Марс.

По преземањето на компанијата за вештачка интелигенција Икс Еј-Ај, во составот на Спејс Икс влегоа и технологијата Грок (Grok) и социјалната мрежа Икс. Така, деловното портфолио на компанијата денес опфаќа вселенски технологии, телекомуникации, вештачка интелигенција и дигитални услуги.

Поврзани содржини