СИНОТ НА ХАЛИ БЕРИ Е СÈ ПОДАЛЕЧЕН ОД НЕА Актерката бара од судот да го врати претходниот договор за старателство 50-50
Актерката тврди дека ограниченото време со 13-годишниот Масио ја нарушува нивната блискост и дека синот станува сè подистанциран од неа. Таа бара од судот да го врати во сила претходниот договор за рамноправно старателство со Оливие Мартинез
Хали Бери побара од судот во Лос Анџелес повторно да го воспостави претходниот распоред за заедничко старателство над нејзиниот 13-годишен син Масио, кој го има со поранешниот сопруг Оливие Мартинез. Во барањето поднесено на 23 ноември, актерката предложила да се врати договорот од август 2023 година, според кој родителите го делеле времето со синот, или алтернативно да се воведе распоред во кој Масио би поминувал по една цела недела со секој од нив.
Бери во судските документи наведува дека сегашниот распоред ја нарушува нејзината врска со синот. Таа тврди дека Масио станува сè подистанциран и помалку подготвен да ја прифаќа како родителски авторитет. Според неа, ограниченото време што го поминуваат заедно не им овозможува да го поправат односот и да ги вратат блискоста и довербата што ги имале претходно.
Актерката се осврнала и на летниот период, кога со Масио поминала околу шест недели заедно, вклучувајќи го и патувањето на Фиџи. Таа го опишала како среќен, приврзан и близок со неа, но вели дека односите се промениле откако во септември се вратил кај неа по еден месец поминат со татко му. Бери наведува дека нивната најголема расправија досега се случила на 26 септември, но дека два дена подоцна се прегрнале, си се извиниле и го поминале остатокот од денот заедно без нови проблеми.
Судирот меѓу поранешните сопружници се заостри на почетокот на октомври, кога Мартинез побара забрана за приближување и исклучиво старателство, тврдејќи дека Бери физички го нападнала нивниот син. Актерката ги негираше обвинувањата и изјави дека станувало збор за играње и борење. По седумдневно рочиште, на 29 октомври судот го одби барањето на Мартинез за забрана за приближување, бидејќи не го исполнил потребниот доказен праг. Сепак, привремениот распоред за старателство остана во сила.
Според актуелниот распоред, Мартинез има примарно физичко старателство, а Бери го гледа синот во понеделник и вторник, како и секој втор викенд, но без ноќевања. Посетите завршуваат во 20 часот. Судот им наложил на мајката и синот да посетуваат 12 заеднички терапевтски сесии. Бери тврди дека редовното време со Масио и терапијата се неопходни за да ја обноват нивната врска.
Во барањето е вклучена и изјава од нејзиниот партнер, музичарот Ван Хант, кој тврди дека забележал како Масио станува сè позатворен и повлечен во текот на судскиот спор. Хант навел и дека се обидел да помогне во решавањето на несогласувањата меѓу поранешните сопружници. Мартинез, пак, претходно изјави дека негов приоритет е здравјето, благосостојбата и безбедноста на синот.
Судот сè уште не донел одлука за најновото барање на Бери. Рочиштето на кое ќе се разгледува нејзиното барање е закажано за 17 декември.