НА ТОМАС МАРКЛ МУ СЕ ЗАКАНУВА ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР Таткото на Меган е обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца

Големата порота во Лос Анџелес поднесе обвинение против 82-годишниот татко на војвотката од Сасекс по две точки за поседување недозволени материјали. Тој беше уапсен на почетокот на ноември, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие до 40 години затвор.

14

Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, се соочува со нова фаза од кривичната постапка во САД, откако федерална голема порота во Лос Анџелес на 24 ноември поднесе обвинение против него по две точки за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Според обвинителството, тој свесно поседувал филмски негативи од 35-милиметарски филм со сексуално експлицитни содржини во кои се појавуваат деца.

Обвинението следува по неговото апсење на 6 ноември во Флорида, кога федералните агенти го привеле во установата за згрижување стари лица во која живее. Претходно против него беше поднесена кривична пријава по една точка за поседување вакви материјали. Новото обвинение се однесува на две наводни прекршувања, а секоја од точките предвидува максимална казна од 20 години затвор.






Според судските документи, истражителите во две складишта во областа на Лос Анџелес, кои Маркл ги изнајмувал со години, пронашле околу 78 предмети, меѓу кои слајдови, филмски негативи и книги со сомнителни содржини. Во документите се наведува дека сведок го идентификувал Маркл на најмалку две фотографии со малолетно девојче. Обвинителството тврди дека тој знаел каква содржина поседува.

Маркл, кој има 82 години, ги негираше обвинувањата кога тие првпат се појавија во јавноста. По апсењето, судот првично му дозволи да се брани од слобода со електронски надзор, но подоцна беше повторно задржан во притвор, откако наводно се обидел да го отстрани уредот за следење. Во меѓувреме, судија утврди дека е способен да учествува во судската постапка, по психијатриска процена.

Случајот предизвика големо внимание и поради семејната врска со Меган Маркл. Нивните односи се нарушени со години, а таткото не присуствуваше на нејзината венчавка со принцот Хари во 2018 година. Меган претходно изјави дека е „длабоко вознемирена“ од обвинувањата против нејзиниот татко, а британската полиција потврди дека уште во 2019 година ѝ била доставена писмена информација со наводи за можно кривично дело надвор од Велика Британија.

Покрај федералниот случај во САД, Томас Маркл е предмет и на истрага на властите на Филипините, каде што живеел повеќе од една година. Тамошната полиција препорачала против него да бидат поднесени обвиненија за поседување и дистрибуција на недозволени материјали. Тој се очекува да биде префрлен во Лос Анџелес во наредните недели, каде што треба да се соочи со новото обвинение.

Поврзани содржини