ЕУ ЌЕ ИЗДВОИ 50 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ФОНД ЗА ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ Ќе се обиде да фати чекор со САД и Кина

0

Европската Унија планира да вложи до 50 милијарди евра во нов технолошки фонд, со цел да ја намали зависноста од американската и кинеската технологија, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на двајца претставници вклучени во разговорите.

Според предлогот, фондот под назив „Фонд за суверен технолошки капитал“ (Sovereign Tech Equity Fund) би овозможил поголеми, поризични и долгорочни инвестиции во споредба со постојните програми за финансирање на ЕУ.






Главните инвестиции би биле насочени кон компании што се занимаваат со вештачка интелигенција и развој на кватни компјутери, наведува весникот.

Неодамна, група од повеќе од 75 европски компании и индустриски здруженија упатија писмо до лидерите на Европската унија, барајќи од нив да не ги спроведуваат предложените намалувања на средствата за „Европскиот фонд за конкурентност“.

Меѓу потписниците на писмото се француската енергетска компанија „ЕДФ“, производителот на батериски ќелии за електрични возила „ПауерКо“ (PowerCo) и неколку стартап-компании. Тие наведуваат дека фондот е неопходен за обезбедување инвестиции за проширување на бизнисите, што претставува постојан предизвик во рамките на ЕУ.

Според нив, фондот може да придонесе и за намалување на зависноста на Европа од увозот на енергенси.

Наместо намалување на средствата, деловната групација ги повика лидерите на ЕУ да го поддржат предлогот на Европскиот парламент за зголемување на „Европскиот фонд за конкурентност“ за 26,6 милијарди евра. Значителен дел од дополнителните средства би бил наменет за декарбонизација на индустријата и зелената транзиција.

Лидерите на ЕУ в четврток ќе се состанат на самит во Брисел, посветен на буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.

Поврзани содржини