ИСКРА ХАЏИ ВАСИЛЕВА ЈА ПРЕЗЕДЕ ДОЛЖНОСТА ШЕФ НА ОЈО ГОКК Главен приоритет ќе ѝ биде ефикасен кривичен прогон

Обвинителката Хаџи Василева по примопредавањето на функцијата рече дека просториите на Обвинителството ѝ се добро познати, но сега има поинакво чувство за амбиентот поради новата позиција. 

0

Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева ја презеде раководната функција во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од својот доскорешен шеф Ислам Абази.

На свеченото примопредавање во просториите на Обвинителството, Абази на колешката што ќе го наследи ѝ подари цвеќе.






Хаџи Василева кратко рече дека просториите ѝ се добро познати, но сега има поинакво чувство за амбиентот поради новата позиција.

Таа и досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, останаа на кратка средба зад затворени врати, по што ќе заминат во Јавното обвинителство на средба до државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Искра Хаџи Василева е четвртиот јавен обвинител кој застанал на чело на ОЈО ГОКК. Таа 11 години е јавен обвинител, а во ОЈО ГОКК е од 2024 година.

Таа со 64 гласа беше избрана 28 октомври на непосредни избори на кои гласаа сите обвинители од Македонија.

Покрај неа, кандидати беа и Трајче Пеливанов од Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, исто така од ВЈО Скопје, Фатон Азизи од ОЈО ГОКК и Лидија Раичевиќ од ОЈО Скопје.

По давањето на свечената изјава пред Советот на јавните обвинители, новоизбраната раководителка на ОЈО ГОКК порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Таа најави заложби за поефикасно користење на постојните капацитети и обезбедување дополнителни ресурси, со цел да се постигнат подобри резултати.

Абази се враќа во Вишото јавно обвинителство Гостивар, од каде што дојде откако беше избран за шеф на ОЈО ГОКК во 2022 година

Поврзани содржини