ЏОНИ ДЕП ГО ЗАМЕНИ ХОЛИВУД СО ПРИВАТНИОТ ОСТРОВ НА БАХАМИТЕ „Никој не ме следи со камера“

Актерот поголемиот дел од времето го минува на својот остров, каде што, како што вели, конечно пронашол мир, приватност и слобода од љубопитните погледи. По осум години повторно се враќа во голема филмска продукција.

0

Џони Деп денес поголемиот дел од времето го минува на Бахамите, далеку од холивудските рефлектори, папараците и постојаното внимание на јавноста. Во интервју за „Волстрит џурнал“, актерот откри дека животот на неговиот приватен остров му го обезбедил она што во Соединетите Американски Држави тешко можел да го има – целосен мир и приватност.

– Денес најголем дел од времето живеам на Бахамите. Таму го пронајдов целосниот мир и тишина. Никој не вперува камера во мене, ниту ме гледа упорно – изјавил Деп.






Островот го купил во 2004 година, а таму има дрвена куќа од четириесеттите години на минатиот век, на која подоцна ѝ додал и јурта и сликарско ателје. Уметноста, вели тој, и понатаму му е прибежиште што му помага да го обработи светот околу себе. Слободното време го минува читајќи по неколку книги или свирејќи гитара во своето музичко студио.

Ова не е првпат Деп да зборува за тоа колку му значи островот. Уште во 2009 година, во интервју за „Венити фер“, открил дека повлекувањето на ова место му помага да се справи со исцрпувачките улоги и притисокот што го носи актерската професија.

– Бегството за мене е начин на преживување – рекол тогаш, објаснувајќи дека по некои тешки улоги имал потреба да замине, да се качи на брод и да ја ослободи главата од сè што го оптоварува.

– Мислам дека никогаш не сум видел место толку чисто и убаво. Чувствувате како пулсот да ви се намалува за дваесет отчукувања. Тоа е моментална слобода – опишал Деп.

Во интервју за „СЦМП стајл“ во 2023 година, повторно нагласил дека токму таму се чувствува најмногу како себеси, бидејќи никој не го гледа и не го следи. За него, вистинската слобода е да може да седи на плажа, да чита, да слика или да медитира, без постојаното внимание на другите.

Додека ужива во повлечениот живот, Деп повторно се враќа и на големото филмско платно. Тој ја толкува главната улога во филмот „Ебенезер“, заснован на познатиот лик од „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс, кој премиерно беше прикажан на 13 ноември. Станува збор за неговата прва голема холивудска филмска улога по осумгодишна пауза.

Во разговор за „Си-би-ес морнингс“, актерот зборуваше и за тоа како татковството му ја променило перспективата за животот и кариерата. Деп има две возрасни деца, ќерката Лили-Роуз и синот Џек, од долгогодишната врска со француската пејачка и актерка Ванеса Паради.

– Кога се роди моето прво дете, како да се крена превезот. Одеднаш разбрав за што било сето тоа. Имаше години кога се прашував што правам и зошто снимам филмови. Тогаш сфатив дека токму во тоа е смислата – изјавил Деп, додавајќи дека и денес не сака да ги разочара своите деца.

Поврзани содржини