НАСИЛНИКОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ИЗБРКАН ОД СОПСТВЕНИОТ ДОМ НА 48 ЧАСА Тошковски објасни како полицијата ќе ги штити жртвите на семејно насилство

МВР годинава поднело 1.450 кривични пријави, а изречени се 163 мерки притвор, за 270 проценти повеќе од лани. Во меѓувреме, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство сè уште е во собраниска процедура.

0

Најмалку три пријавени кривични дела поврзани со семејно насилство дневно се регистрираат во Македонија, но најновите податоци на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека проблемот е многу посериозен. Само во првите десет месеци од 2026 година биле пријавени 1.897 случаи на семејно насилство, што е зголемување од 70 отсто во споредба со истиот период лани, кога биле евидентирани 1.125 случаи.

Податоците беа презентирани на денешната анализа на МВР, на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, зголемувањето на бројот на пријави делумно се должи и на тоа што жртвите сè почесто се охрабруваат да го пријават насилството, наместо да молчат и да го трпат.






– Сепак, клучно е што жртвите на семејно насилство сè повеќе пријавуваат. Не трпат, веднаш пријавуваат – рече Тошковски.

Во текот на оваа година МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство, што е за 50 отсто повеќе од минатата година. Од нив, 153 биле поднесени по брза постапка. Изречени биле и 163 мерки притвор, што претставува зголемување од 270 проценти во однос на 2025 година.

Анализата покажува дека од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.699 сторители на семејно насилство, од кои 91 процент се мажи. Во истиот период биле евидентирани и 132 жени како сторителки на ваков вид насилство. Загрижувачки е и податокот за децата, со просечно 90 до 100 деца жртви на семејно насилство во истиот период.

Жените најчесто биле нападнати во својство на сопруги, потоа како партнерки во вонбрачна заедница и како мајки. Дополнително, во 214 пријавени прекршоци биле регистрирани жртви на насилство, меѓу кои случаи на карање, викање, малтретирање и тепање на јавни места. И во овие случаи најчесто станувало збор за сопруги и мајки.

Оваа година во земјава се регистрирани и седум фемициди, односно убиства на жени.

Законот за заштита од насилство чека во Собранието

Паралелно со статистиката, во собраниска процедура сè уште се наоѓа и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Предлог-законот, за кој иницијатива и потписи за поднесување собра пратеничката од ЛДП Моника Зајкова по убиството и самоубиството во Богданци, е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Законот предвидува дополнителни механизми за заштита на жртвите, вклучително и мерки што ги определува граѓанскиот суд. Тошковски во своето обраќање посочи дека активно учествувал во работната група за подготовка на законското решение, заедно со уште еден министер, иако формалната надлежност е на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

– Овој закон, инаку, да напоменам, е во надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади. За жал, министерот за внатрешни работи е правник и навистина сакам да помогнам, особено во рамките на овој закон, за кој гледаме дека ни е едно од најголемите зла што ни се случуваат во општеството – рече Тошковски.

Тој нагласи дека учествувал на работните состаноци и во разгледувањето на предлозите, особено во делот што се однесува на надлежностите на МВР.

– Не верувам дека бев на состаноците само формално, туку бев на активни работни состаноци заедно со уште еден министер. Активно работно учествувавме во рамките на разгледувањето на предлозите, давање додадена вредност во написите и така натаму. За жал или за среќа, пак ќе напоменам, правник сум и мислам дека можам да дадам додадена вредност и во делот на суштината на надлежностите, особено поврзани со она што е, пак ќе повторам, оригинална надлежност на Министерството за внатрешни работи – порача министерот.

Тошковски објасни и дека новото законско решение предвидува дополнителни алатки за граѓанските судови, кои ќе можат да определуваат мерки за заштита на жртвите. Како една од мерките што ја посочи во дискусијата беа и алките за електронско следење, при што деталите за нивната примена и надлежностите треба дополнително да се разработат.

– Треба да има правилници, подзаконски акти, треба сето тоа да се разработи во иднина, така што сериозно влијаеме во овој процес – рече министерот.

Полицијата може да го отстрани насилникот од домот и ако е негов сопственик

Тошковски појасни дека МВР веќе има законска можност да постапува по службена должност во случаи на телесни повреди поврзани со семејно насилство, а не само кога жртвата лично ќе поднесе пријава.

Тој посочи и дека полицаец може да изрече итна мерка за отстранување на сторителот од домот во траење од 48 часа, доколку постои основано сомневање дека лицето извршило семејно насилство или претставува потенцијален насилник. Мерката може да се примени и кога насилникот е сопственик на домот.

Во рок од шест часа, МВР го известува судот, кој потоа одлучува за понатамошното постапување и за тоа дали пријавеното лице ќе може да се врати во домот.

Зголемувањето на бројот на пријави и кривични постапки, според презентираните податоци, ја отвора и потребата од поефикасна заштита на жртвите, побрзо постапување на институциите и целосна примена на законските механизми за спречување на семејното насилство.

Поврзани содржини