„ДАЛИ ЗНАЕТЕ КАКО СЕ ЕВИДЕНТИРА КРИВИЧНО ДЕЛО? СО ТЕФТЕР!“ Тошковски најави дигитализација на МВР во следните 3-4 месеци

Министерот преку пример со пријавување семејно насилство објасни како од една пријава се отвораат повеќе одделни евиденции – за настанот, лицата, повредите, малолетниците и оружјето.

22

Како изгледа пријавувањето на еден кривичноправен настан во полициска станица во 2026 година? Според објаснувањето на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, службениците мораат да отвораат повеќе различни книги и во секоја од нив повторно да ги внесуваат податоците, зависно од околностите на случајот.

Тошковски на пластичен начин го опиша процесот, објаснувајќи дека граѓанин кој ќе пријави инцидент во полиција најпрво се евидентира во книга за кривичноправни настани.






– Дали знаете како се запишува и се евидентира кривичноправен настан во Македонија во 2026 година, единаесетти месец? Со тефтер – рече министерот.

Тој во свое име зборуваше за да го објасни целиот процес како се пријавува кривичноправен настан во 2026 година.

„Oди човек во полициска станица и вели: „Добар ден“.

„Добар ден, повелете, господине“.

„Сакам да пријавам кривичноправен настан“.

„Нема проблем, господине, повелете“.

И кажува: „Јас дома со сопругата се скаравме, таа зема ќотек, ми удри“.

„Сопругата ве удри?“

„Да, ќотек“.

И го распрашуваат. Отвора книга број еден и вели: „Чекајте, господине. Кривичноправен настан, име, презиме, матичен број“. Го кажува и продолжува понатаму со фактичката состојба.

„Рековте сопругата?“

„Да“.

Се навраќа само на него. Книга број два, така и се вика. Ја отвора книгата број два.

„Име, презиме, господине?“

„Панче Тошковски“.

„Матичен број?“

Го кажува.

„Господине, сопругата рековте?“

„Да“.

„И што ви направи?“

„Ме удри со чекан“.

„И како?“

„Окото ми отече“.

„Скршеница, да? А тешка телесна повреда, господине?“

„Да“.

Трета книга.

„Трета?“

„За тешки телесни повреди“.

„Име, презиме, господине?“

„Панче Тошковски“.

Матичен број, господине. Друга книга е оваа.

„И друго што се случи?“

„Па сопругата ме удри, децата тука беа“.

„И малолетници имаше?“

„Да“.

„Ајде, малолетници“.

Ајде, книга за малолетници и си запишува.

„Чујте, викам, среќа пиштолот што не го најде. Ако го извадеше, лошо ќе беше“.

„И пиштол имаше на лице место. Седми тефтер го вадиме и запишуваме“.

И викаш: „Ајде, остави, одам, нека ме тепа пак“.

Ете затоа мажите се откажуваат.

– Тоа се тие книги. Она го видов точно пред две години и три месеци во техничката влада – рече Тошковски.

– На моето прашање добро што правите со сите книги. Еве, тука ги ставаме во плакарот, ама си ги чуваме и ги ставаме и сите си ги знаеме. Ова е за семејно насилство, ова е за тешка телесна повреда, ова е за ова, ова е за она – објасни министерот.

Објаснувањето дојде во контекст на прашање за дигитализацијата во МВР.  Тошковски одговори дека работеле на дигитализацијата и најави дека за три до четири месеци повторно ќе може да се направи проверка на постигнатиот напредок.

– За кратко, за три до четири месеци најмногу, повторно ќе ве викнам вака. Се надевам и побрзо, и ќе видите тогаш до каде стигнало Министерството за внатрешни работи во 2027 година – рече министерот.

Поврзани содржини