ШТО МОЖЕ И ШТО СМЕЕ ДА СТОРИ ПРЕМИЕРОТ ВО СЛУЧАЈОТ „АЛТА БАНКА“ Мицкоски не седи со скрстени раце и бара тие што не сакаат да помогнат, да не одмагаат со ширење хистерија
Македонскиот Закон за финансиска стабилност предвидува координација меѓу Народната банка и Министерството за финансии во случаи кога една или повеќе банки можат сериозно да ја нарушат финансиската стабилност. Премиерот може да се вклучи во координацијата и во барањето решение во рамките на владините надлежности. Мицкоски не се воздржува дека го прави тоа.
Гувернерот на макдонската централна банка, Трајко Славески, смета дека справувањето со банкарските кризи, како актуелната во случајот “Алта банка” бара соработка со Владата, вклучително и со премиерот. Тој го образложи тој став во објава на Икс, додека премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите изјави дека Владата активно работи на барање решение за Алта банка АД Битола и дека е оптимист дека банката да добие нов сопственик преку јавна берзанска аукција.
„Банкарскиот систем и справувањето со банкарските кризи се премногу сериозна работа за да бидат препуштени единствено на Народната банка и гувернерот”, напиша Славески, парафразирајќи го Жорж Клемансо. Според гувернерот, соработката со владините претставници е особено важна кога банка се продава на странски инвеститор или кога проблемите во една или повеќе банки бараат итна реакција. Како пример го посочи преземањето на хрватската Спербанк во 2022 година.
Што може Владата, а кој ја дава согласноста
Мицкоски нагласи дека приоритет му е да се заштитат штедачите, другите доверители и работните места во банката. Тој е оптимист дека на аукцијата ќе се најде купувач. Пред два дена како можен термин за аукцијата го посочи крајот на ноември или почетокот на декември. Денеска ги обвини политичките противници дека шират хистерија, а денеска им порача на опозиционерите – ако не знаат или не сакаат да помогнат, нека не одмагаат со ширење гласини.
Македонскиот Закон за финансиска стабилност предвидува координација меѓу Народната банка и Министерството за финансии. Ако едната институција оцени дека проблемите во една или повеќе банки можат сериозно да ја нарушат финансиската стабилност, гувернерот и министерот за финансии мора веднаш писмено да се известат. И двајцата членуваат во Комитетот за финансиска стабилност.
Премиерот може да се вклучи во координацијата и во барањето решение во рамките на владините надлежности. Границата ја поставува членот 5 од Законот за Народната банка, кој забранува државните органи да ѝ даваат инструкции или да влијаат врз нејзиното работење. Согласноста за стекнување контролен пакет акции во банка е во надлежност на Народната банка. И купувачот што би се појавил на аукцијата мора да ги исполни законските услови за такво преземање.
Можеби ќе ве интересира
Во Собранието се бараше одговорност за преземањето
На денешната надзорна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, пратениците прашуваа како српската Алта банка ја презела тогашната Стопанска банка Битола и зошто Народната банка подоцна вовела администрација. Мицкоски, кој прв одговараше на прашањата, ги повика истражните органи и Јавното обвинителство да утврдат кој ги отуѓувал акциите.
Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска од СДСМ, побара оставка од Славески и го обвини дека ја нарушил довербата во банкарскиот сектор. Гувернерот одговори дека Народната банка ги спровела законските проверки пред да даде согласност за преземањето и дека тогашните информации од српскиот регулатор не укажувале на проблем со репутацијата на купувачот или со неговата способност да ја поддржува битолската банка. Според него, воведувањето администрација било мерка за заштита на банката.
Како Хрватска ја продаде Спербанк за 71 милион куни
По руската инвазија врз Украина и воведувањето санкции против Русија, граѓаните и фирмите повлекле повеќе од 200 милиони евра од хрватската Спербанк за неколку дена. Ликвидноста нагло се влошила. По проценката на Европската централна банка, европскиот Единствен одбор за санација привремено ограничил дел од работењето на банката за да се обезбеди време за решение.
На 1 март 2022 година, Единствениот одбор за санација одлучил сите акции на хрватската Спербанк да се пренесат на Хрватската поштенска банка за 71 милион куни. Во спроведувањето на одлуката учествувала Хрватската народна банка како национален орган за санација. Веќе следниот ден Спербанк ги отворила филијалите и клиентите можеле редовно да ги користат услугите.
На прес-конференција што ја посочува Славески во својата објава на Икс, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ јасно вели дека Владата и централната банка ги координирале активностите со европскиот одбор. Министерот за финансии Здравко Мариќ објаснува и каде Владата дејствувала директно. Како мнозински сопственик на банката купувач, таа му дала инструкции на нејзиното раководство да обезбеди средства за преземањето. Формалната одлука за преносот на акциите ја донел европскиот одбор.