ПОЧИНА ЖЕНАТА СО КОЈА РОБЕРТ ДЕ НИРО ДОБИ БЛИЗНАЦИ Манекенката и актерка Туки Смит беше во врска со актерот осум години

Манекенката и актерка Туки Смит имаше 74 години. Со холивудската ѕвезда беше во врска осум години, а нивните деца, близнаците Ерин и Џулијан де Ниро ја потврдија тажната вест и ѝ посветија трогателни зборови.

3

Туки Смит, американската манекенка и актерка која беше во долгогодишна врска со Роберт де Ниро, почина на 4 ноември во болница во Њујорк, на 74-годишна возраст. Таа ја загуби битката со мултиплекс склероза, по, како што соопштија нејзините деца, „долга и храбра борба“ со болеста.

Имено, веста за нејзината смрт ја потврдија близнаците Ајрин и Џулијан де Ниро, кои ги доби со славниот актер во 1995 година. Во емотивната порака тие истакнаа дека нивната мајка оставила неизбришлива трага во нивните животи, но и во животите на сите што имале среќа да ја познаваат.






– Туки беше сила на природата. Остави неизбришлива трага во нашите срца и во срцата на сите што имале среќа да ја познаваат – напишаа близнаците. Тие потсетија и на нејзиниот придонес во американската мода и култура, нагласувајќи дека нејзината убавина, грациозност и препознатливо присуство помогнале да се отворат вратите за нови генерации црни манекенки и модни дизајнери.

Туки, чие вистинско име било Дорис Смит, е родена на 25 септември 1952 година во Филаделфија. Манекенската кариера ја започнала во 1972 година, а веќе шест години подоцна била прогласена за модел на годината на познатата стоковна куќа „Блумингдејлс“. Работела со некои од најголемите имиња во модата, меѓу кои „Шанел“, „Живанши“, „Исеј Мијаке“ и Тјери Муглер. Нејзиниот брат беше познатиот моден дизајнер Вили Смит.

Во актерството се испроба во осумдесеттите години, а најпозната телевизиска улога ѝ беше онаа на Ева Роули во американската хумористична серија „227“. Се појави и во серијата „Пороците на Мајами“, како и во неколку филмови.

Со Роберт де Ниро беше во врска од 1988 до 1996 година. Никогаш не се венчаа, а во 1995 година добија близнаци, Ајрин и Џулијан, кои биле родени со помош на сурогат-мајка. Парот приватниот живот го држеше подалеку од јавноста, а и по разделбата останаа поврзани како родители.

Поврзани содржини