ВАРДАР И ПЕЛИСТЕР МОЖЕ ДА ПРОФИТИРААТ ОД ХАОСОТ ВО ПАРТИЗАН Двајца ракометари се на радарот на македонските клубови

Кризата во белградскиот клуб отвори можност за засилувања во Скопје и во Битола. Дамјановиќ е интересен за Вардар, додека Пелистер го следи Лумбросо, за кого се заинтересирани и француски клубови.

0

Ракометните клубови Вардар и Еурофарм Пелистер би можеле да ангажираат двајца ракометари од Партизан, кој се соочува со сериозна организациска криза и можен бран заминувања.

Според српскиот портал „Моцарт Спорт“, скопските „црвено-црни“ се заинтересирани за Алјоша Дамјановиќ, додека битолскиот клуб го следи израелскиот среден бек Јоав Лумбросо.






Партизан остана без претседателот Миљан Жугиќ, Управниот одбор е распуштен, а клубот се раздели и со тренерот Раул Гонзалез. Неизвесноста околу иднината на српскиот шампион ги натера дел од ракометарите да размислуваат за заминување.

Алјоша Дамјановиќ, кој игра на позициите лев и среден бек, е интересен за Вардар и за тренерот Иван Чупиќ.

Српскиот ракометар бил понуден и на хрватскиот Загреб, но постои можност кариерата да ја продолжи во Скопје.

Неговото евентуално доаѓање би му донело на Вардар дополнителни решенија во бековската линија, во пресрет на натпреварите во домашното првенство и во Лигата на Европа.

Еурофарм Пелистер, пак, е заинтересиран за Јоав Лумбросо, еден од најистакнатите ракометари на Партизан оваа сезона.

Израелскиот среден бек би можел да биде засилување за битолчани, но тие не се единствените што ја следат неговата ситуација.

Според „Моцарт Спорт“, за Лумбросо интерес покажуваат и клубови од Франција, а неговото заминување од Белград се смета за многу веројатно.

Првото заминување од Партизан веќе е реализирано. Милош Кос се враќа во германската Бундеслига, каде што ќе го засили Вецлар.

Поврзани содржини