СТРПЕТЕ СЕ ДО ПОЛНОЌ, ГОРИВАТА ЗНАЧИТЕЛНО ЌЕ ПОЕВТИНАТ Дизелот ќе чини 94,5, а бензинот БС-95 86 денари
РКЕ одлучи бензините да поевтинат за седум денари, дизелот за 5,5, а екстра лесното масло за домаќинство за 6,5 денари за литар. Просечното намалување на цените на нафтените деривати изнесува 7,51 отсто.
Ново значително намалување на цените на горивата. Бензините поевтинуваат за седум денари за литар, а дизелот за 5,5 денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новата одлука, литар „Еуросупер БС-95“ ќе се продава за 86 денари, додека цената на „Еуросупер БС-98“ ќе изнесува 88 денари.
Дизелот поевтинува за 5,5 денари и новата цена ќе му биде 94,5 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за 6,5 денари, односно ќе чини 103,5 денари за литар.
Поевтинување има и кај мазутот, чија цена се намалува за 6,26 денари за килограм и ќе изнесува 49,31 денар.
Според РКЕ, новите цени претставуваат просечно намалување на нафтените деривати од 7,51 отсто во однос на цените утврдени на 2 ноември.
Намалувањето се должи на падот на берзанските цени на нафтените деривати, понискиот курс на доларот, но и на владините мерки за намалување на акцизите.
Акцизата за бензините е намалена за два денара, а за дизелот за четири денари по литар. Дополнително, кај дизелот се применува и намалена стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10 проценти.