ЦРНА ГОРА МОЖЕ ДА ГИ ЗАВРШИ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ ДО ЈУНИ Хрватските услови остануваат предизвик
Подгорица планира да ги заврши пристапните преговори до крајот на годинава. Премиерот Милојко Спајиќ очекува земјата да стане полноправна членка на Европската Унија во 2028 година.
Црна Гора би можела да го потпише Договорот за пристапување кон Европската Унија во јуни 2027 година, откако затвори 23 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Премиерот Милојко Спајиќ најави дека преостанатите десет поглавја треба да бидат затворени до крајот на годинава, со што земјата би ги завршила пристапните преговори.
На 30. Меѓувладина конференција во Брисел беа затворени поглавјата 1, за слободно движење на стоки, и 12, за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
– Додека годината се ближи кон крајот, ние даваме резултати. Секоја реформа бара голема посветеност, резултатите се тука. Нашиот фокус останува непроменет – владеење на правото, силни институции, подобар животен стандард – изјави Спајиќ.
Црногорската влада очекува нови поглавја да бидат затворени во наредните недели. Премиерот најави уште една меѓувладина конференција кон крајот на ноември, додека декември го означи како особено важен за завршувањето на преговорите.
– Ќе продолжиме силно во наредните недели со цел да ги затвориме сите поглавја до крајот на годината, за да биде потпишан Договорот за пристап во јуни и да ја достигнеме историската цел за полноправно членство во 2028 година – рече Спајиќ.
Ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, оцени дека завршувањето на преговорите е на дофат. Според него, можно е сите поглавја да бидат затворени за време на ирското претседателство со Советот на ЕУ, односно до крајот на декември.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, го поздрави напредокот на Подгорица.
– Направивме уште еден чекор на патот на Црна Гора кон потпишување на Договорот за пристап во Европската унија веќе следното лето – изјави Кос.
Сепак, завршувањето на преговорите не значи автоматско членство. Пристапниот договор треба да биде потпишан и ратификуван од сите земји членки на ЕУ.
Дополнителен предизвик за Подгорица се нерешените прашања со Хрватска. Загреб претходно постави осум барања, од кои, според хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, две се соодветно решени.
Меѓу преостанатите прашања се обесштетувањето на поранешните затвореници во логорот Морињ, судбината на исчезнатите хрватски државјани, гонењето на воените злосторства и имотните права на хрватските семејства.
Хрватска бара и враќање на школскиот брод „Јадран“, како и решавање на копненото разграничување. Загреб го поддржува членството на Црна Гора во ЕУ, но очекува конкретен напредок во решавањето на овие спорови.