СО 6 ИНВЕСТИТОРИ ЌЕ СЕ ПРЕГОВАРА ЗА ПРОДАЖБА НА „АЛТА БАНКА“ Тоа е најдобриот начин да се заштитат имотот и влоговите на граѓаните
Гувернерот на Народната банка смета дека продажбата на „Алта банка“ е најдобриот начин да се заштитат имотот и штедните влогови на граѓаните. Тој откри дека освен средби со две домашни банки планирани се средби со 6 потенцијални инвеститори.
Шест потенцијални инвеститори ќе имаат состаноци со претставници на Народната банка за можна продажба на „Алта банка“ АД Битола. Разговори со две домашни банки веќе се одржани денеска, соопшти гувернерот Трајко Славески, кој продажбата ја посочи како најдобро решение за заштита на средствата на граѓаните.
– Нормално, има некои што сами се јавуваат, со кои се остваруваат контакти, а секако сме и проактивни. Тоа го најави и премиерот – рече Славески, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за олеснувањата за клиентите на банката.
Според него, вредноста на банката не би претставувала голем финансиски предизвик дури ни за банки со средна големина.
– Ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за навистина здрава банка, банка во регион традиционално концентрирана со голем потенцијал за развој на земјоделието и на индустријата – истакна гувернерот.
Тој нагласи дека Народната банка не може однапред да зборува во името на заинтересираните инвеститори.
– Најдобрата опција е ова што го правиме, заштита на имотот и штедните влогови на граѓаните и продажба на „Алта банка“ АД Битола. Ние размислуваме и за алтернативи за оние екстремни сценарија – изјави Славески.
Гувернерот се осврна и на можноста правните лица што имаат сметки во банката да исплатуваат плати на своите вработени.
На прашањето дали компанија со сметка во „Алта банка“ може месецов да исплати плата на 100 вработени, Славески одговори:
– Може на 101 вработен.
На прес-конференцијата Славески ѝ соопшти на јавноста три нови олеснувања, кои се однесуваат на нови шалтери во Тетово и во Струмица, зголемување на лимитите за користење на платежните картички и целосна исплата за идните приливи од плати, пензии и социјални трансфери.