📷 ФРИЗУРА, ШМИНКА, ПОТСТРИЖУВАЊЕ СО ПОПУСТ ЗА СИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ Отворен фризерско-козметички кабинет за учениците од „Димитар Влахов“

Кабинетот, се наоѓа на булеварот Партизански одреди во ТЦ  Лептокарија, располага со 6 фризерски работни места, 2 берберски, 2 позиции за шминкање, како и опрема за маникир и за козметички третмани, информираше скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

294

Пуштен е во употреба современо опремен фризерско-козметички кабинет наменет за средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“, простор во кој талентот ќе се развива, знаењето ќе се применува, а младите ќе ги прават првите чекори кон својата професија, информираше скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Кабинетот се наоѓа на булеварот Партизански одреди во ТЦ  Лептокарија.






„Кабинетот располага со 6 фризерски работни места, 2 берберски, 2 позиции за шминкање, како и опрема за маникир и за козметички третмани. Ова е можност еден млад човек да открие во што е најдобар и да изгради иднина со сопствените знаење, труд и вештини. Тука учениците ќе вежбаат едни на други, ќе ги совладуваат фризерските техники, ќе користат професионална опрема и ќе учат како се гради доверба со клиентот. Чекор по чекор, со поддршка од професорите, ќе стекнуваат искуство и самодоверба за вистинските предизвици на својата идна професија“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Особено значајно е што во рамките на практичната настава ќе можат да им нудат услуги по субвенционирани цени на учениците од другите средни училишта, додаде тој.

Скопското средно училиште „Димитар Влахов“ од денес има модерен фризерско козметички кабинет, наменет за практична настава на учениците од струката – лични услуги. Постојните простории се целосно обновени и опремени со инвестиција од околу 3,5 милиони денари која ја обезбедија Министерството за образование и наука, Градот Скопје и училиштето.

Државниот секретар во Министерството за образование, Елена Ивановска изрази уверување дека образованието на учениците во овие простории ќе им биде интересно, затоа што ќе работат во реални услови и ќе стекнуваат и ќе надградуваат квалитетни вештини.

– Верувам дека овој пример ќе биде поттик и за останатите општини и стручни училишта да продолжат да инвестираат во унапредување на образовните капацитети и во создавање современи услови за практична настава, а Министерството секако ќе продолжи да ги поддржува согласно буџетските можности – рече Ивановска.

Таа потенцираше дека стручното образование е во подем и денес е силната страна на македонскиот образовен систем. Атрактивно е за младите, додаде, затоа што гледаат можност за брз и успешен настап на пазарот на трудот, а на оние кои сакаат академски да се надградуваат – им дава добра основа за тоа.

– Оваа година, од 16.000 ученици скоро 11.400 ученици се запишаа во прва година во средните стручни училишта, над 70% од генерацијата и тоа е нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, како една од остварените цели од Реформската агенда. Имаме 3.200 ученици во паралелки со дуално образование. Овие бројки се јасен показател за големиот интерес за стручното образование – додаде Ивановска.

Поврзани содржини