ДВАЈЦА ВО ПРИТВОР, ЕДЕН ВО КУЌЕН ОД КУМАНОВСКАТА ГРУПА Пет лица опфатени со истрага за перење пари и изнуда
Судот прифати предлог на Обвинителството за притвор до 30 дена за Д.П. и М.К., куќен притвор за Л.К. и одземање на патната исправа на Д.Ж.
Двајца осомничени завршија во притвор, еден е во куќен притвор, а четвртиот доби забрана за патување, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за злосторничко здружување, перење пари и изнуда. Со обвинителниот предлог за определување мерки е опфатено и петто лице, кое во моментов е недостапно за органите на прогонот.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ги прифатил предложените мерки за обезбедување присуство на осомничените и непречено водење на постапката.
За Д.П. и М.К. е определен притвор во траење до 30 дена. Како причини за оваа мерка се наведуваат опасноста од бегство, можноста да го повторат или довршат кривичното дело, како и ризикот да влијаат врз сведоци и да ја попречат истрагата.
На осомничениот Л.К. му е определен куќен притвор, додека за Д.Ж. се изречени мерки за претпазливост. Тој ќе остане без патната исправа, а му е забрането и издавање нова, со цел да се спречи преминување на државната граница.
Од Обвинителството информираат дека истрагата се однесува на сомненија за злосторничко здружување за вршење кривични дела перење пари и изнуда. Во овој момент не се соопштуваат дополнителни детали за наводните дејствија на осомничените.
Против решенијата на судијата на претходна постапка странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.
КОРИСТЕЛЕ СМЕТКИ НА УЦЕНЕТИ ЛУЃЕ ЗА ДА ПЕРАТ ПАРИ Нотар заверил фалсификуван документ