СТАНУВА СÈ ПОТЕШКО ДА СЕ БИДЕ ЖЕНА ВО ФИЛМСКАТА ИНДУСТРИЈА Памела Ејбди со остар говор на свеченоста на организацијата „Жени во филмот“
Поранешната шефица на филмската продукција на „Ворнер брос“, Памела Ејбди, на гала-вечерта на организацијата „Жени во филмот“ беше во друштво на некои од најпознатите холивудски актерки, но вечерта ја одбележа и нејзиниот остар говор за положбата на жените во филмската индустрија.
Поранешната шефица на филмската продукција на „Ворнер брос“, Памела Ејбди, за првпат јавно се појави по заминувањето од студиото и откри дека засега не брза со нов ангажман. На гала-вечерта на организацијата „Жени во филмот“ (Women in Film), во Беверли Хилс, таа беше во друштво на некои од најпознатите холивудски актерки, но вечерта ја одбележа и нејзиниот остар говор за положбата на жените во филмската индустрија.
– Станува сè потешко, а не полесно, да се биде жена во оваа индустрија – порача Памела Ејбди на свеченоста на организацијата „Жени во филмот“ (Women in Film), одржана во хотелот „Беверли Хилтон“ во Беверли Хилс. Поранешната шефица на филмската продукција на „Ворнер брос“, не се воздржуваше во 15-минутниот говор при примањето на наградата „Вангард“. Таа зборуваше за сексизмот во Холивуд, за предрасудите кон жените режисерки и за тоа колку долго морала да се бори за да може да го кажува она што навистина го мисли, без да се плаши дека некој ќе ја прогласи за „тешка“, пишува „Холивуд репортер“.
Ејбди ја доби првата награда „Вангард“ што ја доделува организацијата „Жени во филмот“, а признанието ѝ го врачи режисерката Ненси Мајерс. Таа потсети дека зад секоја голема жена најчесто стои друга голема жена и зборуваше за поддршката што Ејбди им ја давала на режисерките во текот на кариерата. Меѓу нив е и самата Мајерс, чиј нов филм „Париз Парамаунт“ бил одобрен за снимање токму во периодот кога Ејбди и Де Лука раководеле со „Ворнер брос“.
Пред нејзиниот говор, на присутните им беше прикажана видеопорака во која познати филмски имиња ѝ упатиле честитки. Меѓу нив и Сандра Булок, Никол Кидман, Том Круз, режисерот Алехандро Гонзалес Ињариту, продуцентката Мери Перент, Рајан Куглер, Мајкл Б. Џордан и Марго Роби.
View this post on Instagram
По благодарностите до жените режисерки, продуцентки и раководителки со кои соработувала, Ејбди премина на најостриот дел од говорот.
– Мојата благодарност кон овие жени со текот на годините само растеше, но во последно време на површина излегоа и други чувства, а едно од нив особено силно и нескротливо. Тоа чувство е чист, нескротен гнев – рече Ејбди од говорницата.
– Гнев поради тоа како се однесуваат кон овие жени, гнев поради она што го доживувам јас, но уште поголем гнев поради целата генерација жени кои заслужуваат нивниот потенцијал да биде препознаен и да им се даде можност да напредуваат.
Гнев поради тоа што жените се под напад насекаде. Гнев поради тоа што нашето здравје и благосостојба секогаш се на второ место, зад начинот на кој се претставуваме пред другите. И тука е проблемот: од мене, како жена на раководна позиција, се очекува да го потиснам тој гнев. А знаете што се случува кога ќе ви кажат да ја симнете температурата? Понекогаш таа само станува уште повисока.
Таа откри дека во текот на кариерата ја нарекувале „тешка“, „емотивна“ и „конфликтна“, дека ѝ велеле да се однесува како маж, да ги облече „големите машки панталони“ и повеќе да се насмевнува. Наместо да ги премолчи ваквите искуства, решила јавно да зборува за нив.
Особено ја критикуваше тезата дека филмовите со жени во главните улоги или филмовите режирани од жени не можат да заработат колку оние во кои доминираат мажите. Според неа, во Холивуд постои предрасуда дека машката публика нема да оди да гледа филм воден од женски ликови, додека од жените се очекува да ги гледаат сите видови филмови, без оглед на тоа кој е во центарот на приказната. Ејбди го посочи примерот на „Барби“ на Грета Гервиг, кој заработи повеќе од 1,4 милијарди долари во светските кина. И покрај огромниот успех, Гервиг постојано беше претставувана како „жена режисерка“, наместо едноставно како режисерка.
– Оваа индустрија постојано наоѓа начин да стави ѕвездичка покрај успехот на жената, како да е нешто исклучително затоа што го постигнала жена, наместо да се признае дека станува збор за исклучителен успех – забележа Ејбди.
Таа упати и директна порака до машките режисери, кои, како што вели, секогаш се подготвени да ги поддржат своите колеги.
– Вие секогаш се појавувате едни за други. Каде е истата таа поддршка за жените режисерки? – праша Ејбди, додавајќи дека и тие се нивни сестри во раскажувањето приказни и заслужуваат поддршка и застапување.
Во говорот ја спомена и листата на најмоќни жени во Холивуд, која според неа е уште еден показател за нееднаквоста.
– Мажите немаат посебна листа. Тие се листата – вели рекла таа, објаснувајќи дека фактот што неколку жени успеале да стигнат до највисоките раководни позиции не значи дека патот за следните генерации е отворен.
Нејзините зборови добиваат дополнителна тежина ако се земат предвид промените во раководствата на големите холивудски компании. Заминувањето на Ејбди од „Ворнер брос“ се случи по спојувањето со „Скајденс“, а во истиот период од раководни позиции си заминаа и други влијателни жени во индустријата, меѓу кои Бела Бајарија од „Нетфликс“ и Синди Холанд од „Парамаунт“. Извршната директорка на „Жени во филмот“, Кирстен Шафер, претходно изјавила дека е разочарувачки што Ејбди повеќе нема да раководи со студиото, бидејќи имала буџет со кој можела да поддржи различни филмски проекти важни за културата и индустријата. Шафер предупредила и на намалувањето на бројот на жени на клучни позиции во филмот и телевизијата, како и на особено тешката положба на жените од малцинските заедници.
Сепак, Ејбди потенцира дека не сака да дозволи гневот да ја обесхрабри. Напротив, вели дека го користи како гориво за борбата за промени. На крајот од говорот се наврати на сопствениот пат и призна дека ѝ биле потребни 31 година во Холивуд за да научи да зборува со сопствениот глас и да престане да се грижи дали некој ќе ја нарече тешка.
– Ако тоа значи дека сум тешка затоа што сум страствена за снимањето филмови, тогаш ќе морам да ги трпам оние што не ја разбираат разликата и ќе продолжам да се борам за она што го сакам. Не сум завршила – вели таа.
На црвениот тепих на настанот се појавија и бројни актерки. Меѓу најзабележаните беа Селма Хајек, Џејн Фонда, Шерон Стоун, Кери Вашингтон, Адрија Архона и Хана Вадингам. Присуствуваа и Еми Росум, Оливија Ман, Британи Сноу, Џина Родригез, Шари Белфонте, Кејти Кесиди, Џоли Фишер и Наталија Брајант. Посебно внимание привлекоа заедничките фотографии на Шерон Стоун и Кери Вашингтон, како и дружењето на Стоун со Хана Вадингам. Адрија Архона пристигна со својот партнер Џејсон Момоа, додека Селма Хајек беше во придружба на сопругот Франсоа-Анри Пино.
View this post on Instagram
Хајек ја доби наградата „Џејн Фонда“ за хуманитарна работа, која лично ѝ ја врачи легендарната актерка. Адрија Архона беше прогласена за „Лице на иднината“ во рамките на соработката со модната куќа „Макс Мара“. Хана Вадингам доби признание за застапување на жените во телевизијата, додека наградата за застапување во филмот им беше доделена на режисерката Бет де Араухо и актерката Џема Чан за филмот „Џозефин“. Чан не присуствуваше на свеченоста.