ГОЛМАНОТ ОВОНО СЕ ЗАТВОРИЛ ДОМА, НЕ САКА ДА КОНТАКТИРА СО НИКОГО Шпанија се прости од трагично загинатиот Де Мигел
Голманот на Андора е изложен на закани со смрт и расистички навреди по судирот во кој загина 31-годишниот фудбалер на Тенерифе Хесус Де Мигел. На погребот на Де Мигел присуствуваа највисоките претставници на шпанскиот фудбал, додека истрагата за трагедијата продолжува.
Голманот на Андора, Хесус Овоно, целосно се изолирал во својот дом по трагичниот судир во кој животот го загуби фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел. Овоно не сака да контактира со никого, додека се соочува со расистички навреди и закани со смрт. Шпанија денеска се прости од 31-годишниот напаѓач, кој беше погребан во родниот крај во провинцијата Толедо.
– Овоно е скршен. Тој е затворен во својата куќа, отсечен од светот. Во моментов, тој дури и не знае кој е – изјавил за „Атлетик“ извор близок до голманот.
Соговорниците на медиумот побарале анонимност поради заканите упатени кон Овоно, чиј груб старт на натпреварот од втората шпанска лига заврши со фатални последици за противничкиот фудбалер.
Според судискиот извештај на Мануел Анхел Перез Ернандез, голманот високо ја подигнал ногата и со голема сила го удрил Де Мигел додека топката била во игра. За прекршокот добил црвен картон, а сега му се заканува суспензија до 12 натпревари.
На последното испраќање на Де Мигел присуствувале неговото семејство, пријателите, соиграчите и бројни познати личности од шпанскиот фудбал.
Меѓу нив биле претседателот на Шпанската фудбалска федерација, Рафаел Лузан, селекторот на репрезентацијата, Луис де ла Фуенте, и претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Од фудбалерот се простил и Предраг Мијатовиќ.
Претседателот на Здружението на професионални фудбалери на Шпанија, Давид Аганзо, побара прекинување на натпреварувањето и претстојното коло да биде посветено на починатиот фудбалер.
– Прекинувањето на натпреварувањето е прашање на здрав разум и хуманост. Ја разбирам економската страна, но денес Хесус нè напушти. Денес го погребуваме. Има доволно време за фудбалот и за натпреварувањето – изјави Аганзо.
🎥 La plantilla del CD Tenerife llega para acompañar a la familia, seres queridos y compañeros de Jesús de Miguel. https://t.co/1iaThVB3ab
— Todo Goles Radio (@TodoGolesRadio) November 5, 2026
Де Мигел бил член на управниот одбор на здружението, каде што се залагал за правата на фудбалерите од сите натпреварувачки категории.
Прелиминарните резултати од обдукцијата покажале дека смртта настапила по трауматска повреда на градниот кош. Конечниот форензички извештај сè уште не е завршен.
По судирот, медицинскиот тим неколку минути се обидувал да го стабилизира фудбалерот. Де Мигел бил пренесен во болница во исклучително тешка состојба, откако за време на транспортот доживеал срцев застој.
Лекарите успеале да му го вратат пулсот, но неговата состојба повторно се влошила. Починал во вторникот наутро.
Полицијата отворила истрага за смртта, при што се испитуваат околностите на судирот и медицинската помош што ја добил фудбалерот. Главниот обвинител на Санта Круз де Тенерифе, Хосе Луис Санчез-Хауреги, за агенцијата ЕФЕ изјавил дека е малку веројатно случајот да заврши со кривична постапка.
Во меѓувреме, Овоно добил поддршка од соиграчите, од Фудбалската федерација на Екваторијална Гвинеја и од Здружението на шпански фудбалери.
„Во фудбалот се случуваат несреќи, но никој не можел да замисли дека некоја од нив ќе заврши толку трагично“, напиша неговиот соиграч Лаутаро Спац на Инстаграм.
Клубот Андора, чиј мнозински сопственик е Жерар Пике, побара одложување на неделниот натпревар против Мајорка и најави психолошка поддршка за сите на кои им е потребна.
Овоно, кој има 25 години, е роден во Екваторијална Гвинеја и има одиграно 47 натпревари за националната репрезентација. Неговата кариера започнала во младинскиот клуб Антигуоко, каде што првично играл како напаѓач, пред случајно да стане голман откако на еден натпревар се повредил неговиот соиграч.
ИСТРАГА ПРОТИВ ГОЛМАНОТ ПО СМРТТА НА АЛАМЕДА Полицијата проверува дали имало убиство од небрежност