НЕМАМЕ НЕДОСТИГ НА РЕФОРМИ, ТУКУ ПРЕОСТАНАТИ ПОЛИТИЧКИ УСЛОВИ Мицкоски истака дека во извештајот нема ниту една оценка за назадување

Останува отворено прашањето за уставните измени. Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба. Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите. Европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост, рече Мицкоски.

0

Имаме подобар извештај од минатата година, рече премиерот Христијан Мицкоски денеска на заедничка прес конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас.

– Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата Реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст. Во годинешниот извештај нема ниту една оценка за назадување. Напротив! Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата. Минатата година такво подобрување беше забележано во едно поглавје – рече Мицкоски.






До јуни оваа година, Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда.

– Во извештајот се потврдува и економскиот раст од 3,5 проценти во 2025 година, односно овој Европски извештај го опфаќа извештајниот период заклучно со 31 август оваа година, иако потоа и Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги нивелираа своите прогнози во нагорна линија за оваа година. Зошто? Затоа што ги имаме би рекол повторно ажурирано извештаите за растот во 2024 и 2025. Во 2024 тој од 3 се нивелираше на 3,8, а во 2025 од 3,5 на 3,8 проценти. Невработеноста во истиот период се намали од 12,5 на 11,7 проценти – рече Мицкоски.

Европската комисија констатира добар напредок во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и одбранбена политика.

До јуни оваа година, 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско архивирање и управување со документи.

Националниот портал, според податоците до крајот на август, опфаќа 338 електронски услуги, вклучително и оние што се делумно достапни, а неговото користење е двојно зголемено во споредба со претходната година.

Во образованието е усвоена новата Стратегија за периодот 2026–2032 година. Продолжува развојот на стручното образование, а воспоставени се вкупно осум регионални центри за стручно образование, од кои три веќе се оперативни.

– Европската комисија констатира дека новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија. Важна е споредбата со минатата година. Во поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните права, Европската комисија во 2025 година констатираше дека нема напредок. Годинава констатира ограничен напредок. Кај функционирањето на судството оценката се подобрува од „нема напредок“ на тоа дека има „одреден напредок“. Тоа е поместување што треба да продолжи и да се потврди со резултати во пракса – рече Мицкоски.

Во надворешната и безбедносната политика, Европската комисија ја потврдува и нашата целосна усогласеност со заедничката политика на Европската Унија.

– Извештајот содржи и забелешки и нив ги сфаќаме со цела сериозност. Тие се дел од обврските што треба да ги исполниме пред нашите граѓани, независно од динамиката на пристапните преговори. Одговорноста за спроведувањето на реформите ја имаат сите надлежни институции. Владата мора да продолжи со законските и институционалните реформи, да ги обезбеди потребните услови и ресурси. Од судските и обвинителските органи се очекуваат конкретни резултати, професионалност и доследно спроведување на законите. Истовремено, останува отворено и прашањето за уставните измени. Нашата позиција и понатаму е дека европските интеграции мора да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба. Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите. Европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост – рече Мицкоски.

Тој порача дека за Македонија и за сите политички партии, европските интеграции остануваат трајна стратешка определба.

– И покрај сите предизвици и сите тешкотии со кои се соочувавме во изминатите децении, нашата определба за полноправно членство во Европската Унија останува непроменета. Причините за тоа се многу подлабоки од кој било годишен извештај. Спорот со нашиот источен сосед и наметнатиот билатерален спор, минатата влада прифати да влезе во општите критериуми за членство, што секако претставува хендикеп во развојот на интегративните спорови. Ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови – оцени Мицкоски.

Тој нагласи дека Европската Унија е нашиот најважен економски партнер и дека членството значи пристап до големиот европски пазар, поголеми можности за домашните компании, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура и повисоки стандарди во сите области на општеството.

– Веруваме дека процесот на проширување мора да добие нова енергија. Таа енергија мора да произлезе од реформите што ги спроведуваат земјите кандидатки, но и од јасната политичка посветеност на самата Европска Унија. Ние сме подготвени да го преземеме нашиот дел од одговорноста. Да ги зајакнуваме институциите. Да ја подобруваме економијата. Да се бориме против корупцијата. Да ги усогласуваме законите и стандардите со европските. Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати. Веруваме во Европа која ги исполнува своите ветувања – порача Мицкоски.

Поврзани содржини