📽️ ЛЕДЕНАТА КРАЛИЦА ВЛЕЗЕ ВО СТУДЕНИОТ ДРИМ Бетика ја почна сезоната на капење во вода со „пријатна“ температура од околу 10 степени

Во ноември, кога температурите на водата во Црн Дрим се движат околу 10 до 13 степени Целзиусови, додека капењето во реката за повеќето луѓе звучи како вистински предизвик, за ресенчанката Бетика е само почеток на сезоната

1

За Бети Котовчевска од Ресен, позната како Бетика или „ледената кралица“, календарот не е пречка за капење. Таа ја отвори сезоната на капење во студени води во реката Црн Дрим во Струга, а фотографијата од ноемвриското капење ја објави на својот инстаграм-профил со кратка порака:

– Сезоната официјално отворена.






 

View this post on Instagram

 

A post shared by Betika ✨ (@_betika_)

За неа, ова не е само необично хоби, туку начин на живот што го открила по еден од најтешките периоди во животот.

Кога имала само 18 години, Бетика била прегазена од автомобил. Последиците биле тешки – период на неподвижност, прекин на активниот живот и ракометната кариера, со која професионално се занимавала десет години. Во интервју за македонски портали раскажала дека по несреќата паднала во депресија, се здебелила 20 килограми и во еден момент ја изгубила желбата за живот.

Во потрагата по начин да се справи со тешкиот период, почнала да истражува за влијанието на студената вода и постепено да го надминува сопствениот страв. На 20 години започнала со ладни тушеви, а потоа преминала на капење во студени реки, езера и водопади. Нејзина најголема инспирација станал холандскиот атлетичар Вим Хоф, познат како „Ледениот човек“, чии методи се засноваат на изложување на студ, техники на дишење и ментална посветеност. Бетика го нарекува свој втор татко и вели дека неговата филозофија ѝ помогнала да си го смени животот.

Нејзиниот најголем подвиг досега е капењето во Лапонија, Финска, во услови кога надворешната температура била минус 33, односно минус 34 степени Целзиусови. Таму живеела две години, а своите авантури ги претворила во можност да ја промовира Македонија и да ги охрабрува луѓето да ги поместуваат сопствените граници.

Во февруари 2024 година учествувала и во експедиција на француските Алпи, организирана од тимот на Вим Хоф. За време на предизвикот, во шорц и маица, се искачила на планината и го развеала македонското знаме. Пред тоа, учесниците поминале подготовки со техники на дишење, вежби и изложување на студ.

Бетика не ги задржува своите искуства само за себе. Во април годинава организираше и групно велигденско капење во студените води на Охридското Езеро, каде што ѝ се придружија луѓе од различни делови на Македонија. Според нејзините изјави, досега се капела во студени води во 35 земји.

 

Поврзани содржини