Кога ќе завршиме со битолска Алта банка, која е следна за пропаѓање?
Нема причини на битолската Алта банка да ѝ се стави клуч на врата. Има само лични, теснопартиски и можеби и бизнис мотиви да се случи таква хаварија. И да се поткопа довербата во целиот македонски банкарски систем.
Битолска Алта банка не мора да биде уништена. Напротив. Постојат сите претпоставки – финансиски, институционални, правни – да се изврши промена на нејзината сопственичка структура, откако „банката мајка“ во Белград, која е сопственик на 95,336 проценти од капиталот на битолската банка, падна во стечај, под околности кои се добро познати.
Ова не е мој став, туку квалификувано мислење на експерти во областа. На првите сигнали на паника во Македонија, нашата централна банка реагираше брзо, со мерки за ограничување на повлекувањето пари и со воведување целосна административна контрола врз битолска Алта банка. Експертите се согласни дека тоа се стандардни мерки, неопходни за да спречи стампедо на повлекување на парите од банката која практично остана без својот сопственик и за кого сега во Србија се прикажуваат безмалку неверојатни приказни.
Паника има, но парите се тука
Непосредно пред воведувањето на мерките на македонската Народна банка, во саботата депонентите на битолска Алта банка извлекле околу 2 милиони евра. Тоа не е „стрес-тест“ што една банка не може да го издржи, но дефинитивно е симптом на паника. Дотолку повеќе што сите сме сведоци дека кампањата против банката во Битола систематски и упорно се водеше со месеци. Финишот на таа кампања се закануваше да ја загрози ликвидноста на банката и да ѝ нанесе огромни штети.
Приказните за тоа што се случувало во Србија, за наводното извлекување милиони евра од трезорот на белградска Алта банка со вилушкари на палети, немаат никакви допирни точки со Македонија. После изборите на 25 октомври, по основ на плаќања поврзани со редовни договори, од битолска Алта банка кон Србија се одлеани околу 180.000 евра, а во македонската банка стасале 16.000 евра. Ништо посебно, ништо драматично.
Накусо, парите се тука. Во околности на нормално и регулирано работење, битолска Алта банка би можела да функционира спокојно, без оглед на хаваријата што се случи со „банката мајка“. Но, очигледно е дека некој сака и кај нас да се произведе некаква „вонредна состојба“, за полесно да се остварат нечии теснопартиски, лични и бизнис интереси.
Алта банка во Македонија не купи „банка на стаклени нозе“
Рака под рака со тој наратив се прошири и тезата – за жал, од устата на гувернерот Трајко Славески – дека белградска Алта банка, преземајќи ја Стопанска банка Битола, презела „банка на стаклени нозе“ и пред пропаѓање. Не верувам дека со овој исказ гувернерот сакал да креира алиби за белградска банка или за сите оние кои го одобриле преземањето на Стопанска банка Битола пред една година. Склон сум кон помислата дека овој „фаул“ е резултат на веќе пословичната невнимателност на Славески во комуникацијата со јавноста.
Како и да е, не е вистина дека Стопанска банка Битола била „на стаклени нозе“. Официјални извештаи говорат дека банката од Битола пред преземањето имала 33% адекватност на капиталот, 46% ликвидна актива во однос на вкупната актива и 79% ликвидна актива во однос на депозитите на населението. Експертите велат дека ова се показатели за банка со високо ниво на капитализираност и ликвидност, а не за банка пред финансиски колапс.
Впрочем, да не заборавиме дека тогаш Комерцијална банка излезе со отворена понуда за преземање на битолската банка, но зделката пропадна поради противењето на еден од мнозинските акционери во битолската банка. Дали некој сериозен мисли дека искусниот банкар Хари Костов бил со намера да купи „мачка во вреќа“ односно банка пред пропаѓање?
Кога во октомври 2025 година белградска Алта банка ја презеде Стопанска банка Битола, гувернерот Славески, прв човек на институцијата која по закон го аминува преземањето, веројатно ги имал на маса и јавно објавените позитивни финансиски резултати на Стопанска банка Битола за 2024 година. Она за што тогаш можело и требало да размислуваат и тој и сите други што формално или неформално одлучувале белградска Алта банка да биде купецот, е прашањето дали го направиле вистинскиот избор. Ова со оглед на и тогаш добро познатата политичка афилираност на сопственикот на белградската банка.
Сепак, по преземањето, битолска Алта банка е македонска а не српска банка, таа е посебен и самостоен правен субјект во домашниот банкарски систем. Во нејзиното работење во оваа прва година по преземањето не се забележани трендови што би укажувале дека банката се движи во опасна насока – нема сомнителни трансфери, нема ризични пласмани (една од клучните причини за пропаѓањето на Еуростандард банка, на пример), нема привилегирани штедачи со камати од ракав и со можност да ги „спасуваат“ заштедите пред колапсот (приказната за скандалот ТАТ) и слично. Впрочем, после повеќе кризи во историјата, многу лекции се научени и банкарскиот сектор кај нас е строго регулиран, депозитите се солидно заштитени и затоа катастрофи какви што имало некогаш, веќе не се можни.
Мечка на соседниот банкомат? Не се радувајте!
Сепак, драмата за нашата македонска Алта банка не треба да се потценува, зашто сценаристи се опасни политички лешинари, кои цела година систематски креираат наратив дека таа банка мора да пропадне. Сдсмовци, горди на таа своја кампања, сега, после настаните во Белград и после паниката што се крена кај нас, ја уверуваат јавноста дека, ете, биле во право. И веројатно ќе бидат најсреќни ако на битолската банка ѝ биде ставен клуч на врата – иако, да повторам, сите експерти се согласни дека за тоа нема причина.
Не знам колку се свесни ведетите на Бихаќка, но и сите други кои со невидена еуфорија и неодговорност, површно ги коментираат настаните, за фактот дека ова не е само обид за рушење на битолска Алта банка. Не, ова е и обид за поткопување на довербата во целиот македонски банкарски систем. Банкарите се загрижени, бидејќи ова што сега ѝ се случува на Алта банка Битола, утре може да ѝ се случи на било која друга банка во Македонија. Ако биде изложена на безобѕирна политичка и медиумска кампања.
Ете, на пример, во банкарски кругови се зборува дека веќе се преговара за преземање на една помала македонска банка од друга поголема. Во светот на банкарството тоа се нормални операции, кои се извршуваат во строго регулирани услови. Но, слушам дека поради паниката со битолска Алта банка, актерите на тоа најавено преземање во моментов се констернирани.
Затоа, почитувани читатели, сакам да предупредам на уште една битна работа. Повеќето од вас, како и јас впрочем, парите си ги чуваме во други банки. Но, грешиме ако мислиме – па добро, ова им се случува само на штедачите на Алта банка, на луѓето што примаат плати и пензии преку таа банка, на фирмите кои таму имаат сметки. Ама не е така. Сите сме засегнати. Секој неодговорен политичар, секоја пајтон-партија, секој помоќен медиум и секој повлијателен инфлуенсер на социјалните мрежи може да покрене кампања дека некоја банка „пропаѓа“ и да ги наведе штедачите за кратко време да повлечат огромни суми од своите сметки. Никој од нас не е безбеден, бидејќи не постои банка што може да издржи такво стампедо.
Затоа, да не се радуваме многу кога мечката игра во соседниот двор. Да не речам, на соседниот банкомат. Ако не ја избркаме, порано или подоцна, ќе заигра и во нашиот.