СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ВО КОМИСИЈАТА ЗА СЛУЧАЈОТ СО МИХАИЛОВА Клековски најави детална проверка на медицинската документација

Првичниот инспекциски надзор е завршен, а документацијата од здравствените установи е веќе прибрана. Министерот за здравство најави дека деновиве ќе формира комисија и поради чувствителноста на случајот ќе побара помош од странство.

2

Експерти од странство ќе бидат побарани за ревизија на случајот со Ива Михаилова, најави министерот за здравство Сашо Клековски. Комисијата што треба да се формира деновиве ќе ја разгледува веќе прибраната медицинска документација, по завршувањето на првичниот инспекциски надзор во повеќе здравствени установи.

– Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот, ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот – рече Клековски.






Министерот посочи дека целокупната документациџја е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка. Дополнителната проверка треба да го опфати и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.

Случајот со Ива Михаилова предизвика бурни реакции откако таа пребегна од Македонија во Бугарија, иако имаше судска забрана за напуштање на земјата и одземени пасоши. По неа македонската полиција распиша меѓународна потерница. Бугарија одби екстрадиција повикувајќи се на уставни ограничувања за предавање сопствени државјани.

Михаилова е обвинета за тешка сообраќајна несреќа на патот Кочани – Штип, во која на 7 октомври 2025 година загина 33-годишен маж.

Mинистерсто Клековски уште на 20 октомври соопшти дека при инспекцискиот надзор поврзан со лекувањето на Михаилова биле констатирани прекршоци, поради што побарал дополнителна стручна проверка на медицинскиот дел од извештајот.

Министерот ја оспори медицинската оправданост за нејзино лекување во странство, тврдејќи дека Михаилова пребегнала во Бугарија токму пред доаѓањето на бугарски лекари кои, заедно со македонските специјалисти, требало да ја проверат нејзината здравствена состојба.

Поврзани содржини