ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОД ЛУКАРЕВСКА ИТНО ДА ЈА ЗАКАЖЕ НАДЗОРНАТА РАСПРАВА ЗА АЛТА БАНКА Стојаноски вели дека СДСМ се колеба
Стојаноски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги постави сите прашања коишто ја интересираат јавноста, бидејќи смета дека се создава паника таму каде што нема потребa, а граѓаните заслужуваат одговори.
ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, да ја закаже надзорната расправа за состојбата во Алта банка, за утре во 11 часот.
Во понеделникот, на Комисијата за финансирање и буџет, едногласно беше изгласана одлука за одржување надзорна расправа по повод случувањата со Алта банка.
– Одлуката беше изгласана консензуално, едногласно, со тоа што ние побаравме надзорната расправа да биде одржана што е можно побрзо. Денеска беа свикани пратеничките групи на координација. Ние побаравме надзорната расправа да биде одржана утре. Видовме дека од страна на СДСМ има одредено колебање дали тоа да биде така или не – изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила да се скратат сите можни процедури коишто се дадени во Деловникот, за да можат и гостите да ги поканат во текот на денешниот работен ден.
– Не ни беше одговорено до овој момент на нашето барање. Затоа ние, согласно можностите коишто ни ги дава Деловникот, согласно член 126 став 2 од Деловникот на Собранието, собравме една третина од потписите од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет. Не е поентата оваа тема да се политизира или да се држи статус кво. Ако се искрени и реални во намерата, со оглед на тоа дека имаа простор од понеделникот до денеска да ги донесат сите оние одлуки коишто ги предвидува самиот Деловник, бидејќи тие ја водат Комисијата и таа би требало да биде надлежна за одржувањето на надзорната расправа, тогаш нема причина за дополнително одложување – додаде Стојаноски.