ИРАН ПОНУДИ ПЛАН ЗА ОТВОРАЊЕ НА ОРМУСКАТА ТЕСНИНА ЗА ДВА ДЕНА Го намали рокот од 7 дена, ако се исполнат главните услови

Техеран не очекува нов пристап од страна на Вашингтон по меѓуизборите за Конгресот во САД што треба да се одржат утре.

80

Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека разгледува план за отворање на Ормуската Теснина во рок од два дена, доколку САД се согласат со претходно упатените предлози, за чие исполнување Техеран одреди рок од една недела.

– Можноста овој план да се реализира за два дена е уште еден сигнал за иранскиот пристап заснован на добра волја – изјави портпаролот на иранското дипломатско министерство, Есмаил Багеи.






– Доколку барањата на Иран бидат исполнети, тоа ќе даде можност за обнова на безбедноста во Ормуската Теснина и за обновување на преговарачкиот процес во краток временски период – додаде Багеи.

Тој истакна дека размената на пораки преку посредници продолжува.

Според него, Техеран не очекува нов пристап од страна на Вашингтон по меѓуизборите за Конгресот во САД.

Првичниот ирански предлог предвидуваше отворање на Ормуската Теснина во рок од седум дена, но по разговорите со катарските посредници рокот е скратен на два дена. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи објасни дека според планот, САД треба да исполнат одредени мерки во текот на првиот ден, по што вториот ден би била обновена пловидбата низ теснината.

Меѓу условите на Техеран се укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа, олеснување на санкциите, намалување на американското воено присуство во регионот и ослободување на замрзнатите ирански финансиски средства, вклучително и оние во Катар.

Според Ројтерс, иранските преговарачи ја напуштиле Доха во неделата, по разговорите со катарските посредници, но нивното заминување не било поради проблеми во преговорите. Во меѓувреме, се разгледува нацрт-предлог за договор, а можна е и нова средба. Размената на пораки меѓу Вашингтон и Техеран продолжува преку Катар.

Дипломатските напори се одвиваат во услови на стравувања од обновување на воените судири по американските меѓуизбори во вторник. Трамп најави дека САД нема да извршат нови напади врз Иран пред гласањето, но не ја исклучи можноста за воена акција потоа.

Поврзани содржини