ЛЕ ПЕН ОЦЕНИ ДЕКА НАСИЛНО СЕ ПРЕЗЕМА УСТАВНИОТ СУД ВО ПОЛСКА Сикорски ѝ возврати да не се меша

Спорното суспендирање на претседателот на Судот и интервенцијата на безбедносните сили околу оваа институција се чини дека наликуваат на насилно преземање на уставно тело, напиша Ле Пен Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен на Икс за кризата во Уставниот суд на Полска.

191

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, оцени дека продлабочувањето на кризата во Уставниот суд на Полска е причина за „длабока загриженост“.

„Спорното суспендирање на претседателот на Судот и интервенцијата на безбедносните сили околу оваа институција се чини дека наликуваат на насилно преземање на уставно тело“, напиша Ле Пен во објава на Икс.






Според неа, индиферентноста на Европската Унија и молкот на медиумите пред полската криза отвораат легитимни прашања.

„Не може да се тврди дека се брани демократијата и владеењето на правото, а истовремено да се молчи кога уставната рамнотежа на една земја-членка е сериозно загрозена“, објави Ле Пен.

Спорот околу составот на највисокиот суд во Полска предизвика отворена конфронтација на владата со претседателот Карол Навроцки, кој во петокот вечерта се обиде да влезе во зградата на судот, во услови на блокада околу именувањето нови судии.

Полицијата ја опколи зградата додека конфронтацијата се одвиваше во живо на телевизија, привлекувајќи внимание на кризата и надвор од Полска и внесувајќи ја во пошироката европска политичка дебата.

Опозицијата ја обвини владата на Доналд Туск за обид за државен удар, додека владата тврди дека спроведува долгоочекувани реформи за обновување на владеењето на правото по долгогодишното мешање на партијата Право и правда (ПиС) во судството.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски реагираше на објавата на Ле Пен.

„Госпоѓо Ле Пен, како пријателка и сојузничка на Франција, Полска не се меша во вашата политика. Ве молиме да нè почитувате со тоа што нема да се мешате во нашата“, објави Сикорски.

Европската комисија во саботата соопшти дека внимателно ја следи кризата.

„Полските власти треба да обезбедат Уставниот суд да функционира во согласност со полскиот устав и со почитување на релевантната судска практика на Судот на правдата на Европската Унија. Изборот на осум нови членови на Уставниот трибунал е во рамките на уставните надлежности на Сејмот, полскиот парламент“, рече портпарол на ЕУ.

ПОЛИТИЧКА ЕКСПЛОЗИЈА ВО ПОЛСКА Претседателот го обвини Туск за насилно преземање на Уставниот суд

Поврзани содржини