ХАКЕРСКИ ХАОС ВО РУСИЈА И ВО УКРАИНА Лажни предупредувања за опасност стигнале до граѓаните

Украинските воздухопловни сили соопштија дека апликацијата „Air Alert“ била компромитирана, додека во Москва властите пријавија масивен кибер-напад врз апликацијата на Министерството за вонредни ситуации.

60

Апликациите за предупредување при вонредни ситуации во Украина и Русија биле цел на хакерски напади, при што до граѓаните биле испратени лажни предупредувања за сериозни закани, соопштија официјални претставници.

Во Украина, апликацијата за предупредување од воздушни напади „Air Alert“ била компромитирана доцна синоќа, соопштија воздухопловните сили на земјата.






Како што пренесува „DPA“, на паметните телефони на корисниците биле испратени лажни предупредувања за наводни нуклеарни и хемиски закани.

– Веројатно е дека апликацијата „Air Alert“ е компромитирана од непријателот. Не постои радијациска закана – соопштија украинските воздухопловни сили преку „Telegram“.

Украинските власти ги повикаа граѓаните да не отвораат линкови од непознати извори и да не шират непроверени информации.

Апликацијата „Air Alert“ се користи за информирање на населението за почетокот и завршувањето на воздушните опасности и другите одбранбени аларми.

Во меѓувреме, и во Москва беше пријавен кибер-напад. Мобилната апликација на руското Министерство за вонредни ситуации била цел на, како што го опишаа властите, „масивен кибер-напад“.

Според информациите што ги пренесе руската државна новинска агенција „ТАСС“, до корисниците биле испратени лажни информации за наводна опасност.

Засега не се соопштени детали за тоа кој стои зад нападите, ниту дали постои поврзаност меѓу инцидентите во Украина и Русија.

Инцидентите се случуваат во услови на војната што трае од почетокот на руската инвазија врз Украина, која и понатаму се брани со поддршка од западните сојузници.

Поврзани содржини