НАД 30 ГОДИНИ ЈА НОСЕШЕ БОЛКАТА ПО СИНОТ Мишо Ковач ќе почива покрај својот Еди, на гробиштата Мирогој во Загреб
Последната желба на легендарниот хрватски пејач Мате Мишо Ковач ќе биде исполнета. По смртта на 31 октомври, на 86-годишна возраст, тој ќе биде погребан на загрепските гробишта Мирогој, покрај својот син Еди, чија прерана смрт никогаш не успеа да ја преболи.
Веста дека Мишо ќе почива покрај својот единствен син дополнително ги растажи неговите обожаватели, кои добро знаат колку голема трага остави оваа семејна трагедија во животот на пејачот. Еди Ковач почина на 9 април 1992 година, на само 16 години, а неговиот гроб повеќе од три децении се наоѓа на Мирогој.
Фотографиите од последното почивалиште на Еди деновиве повторно го привлекоа вниманието на јавноста. На црниот надгробен споменик во форма на срце се наоѓа неговата фотографија, а гробот е украсен со цвеќе, запалени фенери, бело срце и мал украс со лик на ангел, покрај кој стои натписот: „Небото сега има уште еден ангел“.

Еди е роден на 3 јуни 1975 година, во бракот на Мишо со поранешната манекенка и мис на Хрватска, Анита Батурина. Како тинејџер се приклучил на хрватските бранители за време на војната, а починал во болница во Загреб по ранувањето, чии околности никогаш не биле целосно разјаснети. Бил погребан на 13 април 1992 година, со воени почести.
Мишо со години го посетувал неговиот гроб и отворено зборувал за болката што ја носел. Во емисијата „Латиница“, во 1999 година, се присетил на последните моменти со синот во болницата.
– Ја зедов неговата рака. Го бакнав во челото и во градите и му реков: Готово е! Така и беше – раскажал пејачот.
Смртта на Еди оставила длабоки последици врз семејството. Мишо и Анита не успеале да ја надминат трагедијата, а нивниот брак подоцна се распаднал. Пејачот минувал низ исклучително тежок период, со депресија и повлекување од животот.
Иако е роден во Шибеник, а последните години ги помина во Подстрана, во близина на Сплит, Мишо ќе биде погребан во Загреб, покрај синот по кој никогаш не престана да тагува.
Од пејачот ќе се простат и Сплит и неговиот роден Шибеник. Во Сплит се најавува комеморативен собир на Пољуд, додека неговите сограѓани во Шибеник ќе му оддадат почит со заедничко собирање и песна. Датумот и часот на погребот на Мирогој сè уште не се официјално потврдени.