Ќе ја растурат ли популистите ЕУ одвнатре?
Многу работи се поттурнати кон ризична зона. ЕУ која би била трансформирана во меѓувладино тело за соработка би била неизбежно многу послаба ЕУ. Националистичката десница сака да ја направи ЕУ помала и послаба, по можност ирелевантна за многу задачи освен, можеби, за заедничките напори за спречување на приливот на имигранти.
Популистичките партии добиваат рекордна поддршка во Европа. По Втората светска војна популистичките и авторитарните партии никогаш немале толку силна поддршка од гласачите во Европа како во последните години, покажуваат резултатите на неколку нови истражувања.
Екстремно десничарските, крајнолевичарските и популистичките центристички партии добија просечно 32,6 проценти од гласовите на последните парламентарни избори во 31 европска земја, според петтото издание на Индексот на авторитарниот популизам од шведскиот тинк-тенк Тимбро и европската мрежа Епицентар. Во 26 од 31 земја, овие партии добија повеќе од 20 проценти. За споредба, во 1950-тите и 1960-тите, уделот беше само околу 10 проценти.
Подемот на овие партии добива посебна димензија во однос на нивниот отпор и критиките против механизмите преку кои функционираат европските интеграции. Национално-конзервативната и десничарска радикална партија Алтернатива за Германија (АфД) повеќе не сака да го напушти еврото и ЕУ. Ова беше потврдено минатата недела кога лидерката на партијата, Алис Вајдел, презентираше извештај за политиката во Европскиот парламент: „Суверени нации, заедничка Европа“.
Слични промени во ставовите се случија во последните години и во редовите на Националниот собир во Франција, Партијата на слободата во Холандија и екстремно десничарските Шведските демократи. Во исто време, италијанската премиерка Џорџија Мелони, лидерка на националистичката партија Браќа на Италија, се појави како еден од попрагматичните лидери на ЕУ за време на нејзините години како премиер и во голема мера ја напушти својата претходна анти-ЕУ реторика.
Сепак, на подолг рок, се чини дека промените на гледиштата се драматични. Брисел беше еден од главните симболи на елитата против која десничарските популисти веруваат дека треба да се борат. Оттаму и се слушаа низа поплаки за над-државност, моќна елита одвоена од најважните интереси на народот, анонимно водство управувано од економски интереси и идеолошки фантазии.
Затоа, за излегување од ЕУ се зборуваше долго време. Се случи Брегзит, но и остана само на тоа. Сега дури ни Алтернатива за Германија повеќе не е за напуштање на Унијата, иако беше најтврдокорно евроскептична меѓу главните националистички партии.
Но, дали ова значи дека националистите и десничарските популисти сериозно ја модерирале својата европска политика? Дека ја препознале потребата од функционални европски институции во услови на заканата од Русија, хаосот во САД и конкуренцијата од Кина?
Многумина сметаат дека нема многу показатели што укажуваат на таков развој. Споменатиот извештај на АфД во Европскиот парламент е заложба за стеснување на рамката, а што би водело кон значително ослабена ЕУ. Европската комисија повеќе не би имала право да поднесува законски предлози, туку би била ограничена на чисто административни задачи. Европскиот парламент би останал да функционира, но европратениците повеќе не би биле директно избрани. Наместо тоа, националните парламенти би номинирале претставници. Судот на правдата на ЕУ би се трансформирал во арбитражен суд за решавање на конфликти меѓу националните влади. А одделни земји по сопствен, слободен избор би можеле да се откажат од делови на политиката на ЕУ.
Марин Ле Пен, лидер на француската крајна десница, претходно истапуваше со ставови и размислувања на начин што е близок до оној на АфД. Во јуни, нејзиниот најблизок соработник Жордан Бардела предложи нето-придонесот на Франција во ЕУ да се преполови, сумирајќи ја својата европска политика со зборовите „сè да се промени без да уништи нешто“.
АфД си постави цел да ја постигне во 2029 година. Извештајот исцртува сценарио за кое „претходно едвај можело да се сонува“. Всушност, дека „патриотско десничарско мнозинство“ би можело да победи на изборите за Европскиот парламент. Кога ЕУ ќе оди на избори во 2029 година, Националниот собир можеби претходно веќе ќе однесе победа на претседателските избори во Франција. Доколку Марин Ле Пен биде избрана за претседател идната пролет, тоа ќе испрати шок-бранови низ цела Европа. Тоа би значело победа за политичка партија која настапува со заложби дека ги брани вредностите на западната цивилизација, Во исто време Националниот собир е партија која сите актуелни лидери во Западна Европа, со исклучок на Мелони, се обидуваат да ја држат подалеку од власт со сите средства што им се на располагање.
Трендот е очигледен. Рамнотежата во Министерскиот совет на ЕУ ризикува да се помести во силно националистичка и евроскептична насока во наредните години. Тоа, пак, би значело дека одбраната на над-државниот поредок на ЕУ уште повеќе би се потпирала на Европскиот парламент, Судот на правадата и Европската комисија, а што би ризикувало дополнително да предизвика националистички импулси во земјите-членки.
Многу работи се поттурнати кон ризична зона. ЕУ која би била трансформирана во меѓувладино тело за соработка би била неизбежно многу послаба ЕУ. Националистичката десница сака да ја направи ЕУ помала и послаба, по можност ирелевантна за многу задачи освен, можеби, за заедничките напори за спречување на приливот на имигранти.
Од друга страна, Брисел настојува со сите сили да се мобилизира пред натамошното засилување на веќе истурените позиции на европската националистичката десница, обидувајќи се да ја разбуди волјата за борба, пред да биде предоцна.
„Една Европа, еден пазар“. Вака звучи слоганот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за континуирано префрлање на моќта од земјите-членки во Брисел. Стратегијата е опишана во „мапа на патот“ со истото име.
На самитот на Европскиот совет на 15-16 октомври шефовите на држави и влади на членките на ЕУ во голема мера го потврдија континуираниот развој во насоката што ја покажува мапата на патот. Таа беше лансирана во март годинава, кога претставниците на кипарското претседателство со ЕУ, претседателот на Европскиот парламент и Фон дер Лајен го потпишаа заедничкиот документ. Целта на мапата на патот е да ги обврзе двете страни што донесуваат одлуки, Парламентот и Советот, така што тие однапред ќе се обврзат да одлучуваат за предлозите што ги поднесува Европската комисија во рамките на спомената мапа.
По состанокот на 16 октомври, беше објавено соопштение за медиумите во кое трите тела повторно ја искажаа својата амбиција да го поттикнат процесот на донесување одлуки за законските предлози што Европската комисија може да ги презентира во рамките на мапата на патот.
Но, според споменатиот Индекс на авторитарниот популизам во извештајот на „Тимбро“, популистичките партии покажаа дека можат да ги задржат своите гласачи со текот на времето, што укажува дека тие станале „трајна карактеристика на европскиот партиски систем, а не привремен феномен на протест“.
Токму затоа, прашање е кои сили во наредните години ќе повлечат најсилно пред налетот на политичките ветришта што забрзано се шират низ Европа.