ПРИОРИТЕТ ВО НОВИОТ ЗАКОН ЗА РУДАРСТВО СЕ КОНТРОЛАТА И ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Како Македонија ќе го искористи својот руден потенцијал?
Заменикот министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, вели дека со усвојувањето на нов Закон за рударство контролата врз евентуалните инвестиции во рудници ќе биде многу поголема, особено од аспект на животната средина. Овој закон е можност Македонија да се усогласи со европското законодавство и да ги воведе стандардите за запазување на средината кои важат и во Унијата.
Властите прогнозираат дека ефектите од рудниците можат да ја сменат сликата на економијата во државата. Ваквите тврдења се поистоветуваат со Стратегијата за минерални суровини 2026-2046 што ја изработи МАНУ, а во која се наведува дека преку одржливо рударство Македонија може да има бенефит од своите рудни богатства. Особено се потенцира фактот дека секој денар создаден во рударството генерирара дополнителни 0,5 денари во другите поврзани сектори и дејности. Според заменикот министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, големите инвестиции во индустријата имаат и големо влијание во обемот на буџетот.
– Само за еден рудник, проекциите се дека на директно-индиректен влез на средства, тоа би биле околу 130 милиони евра на годишно ниво во буџетот. Не е само експлоатацијата на рудата – тука зборуваме за повеќе комплетни индустрии коишто гравитираат… Разговараме за проекции, за планови, за инвестиции, бидејќи без капитални инвестиции не може да се зајакне и драстично да се качи бруто-домашниот производ. Ние кога го правиме буџетот, во тој мозаик секогаш ни фали некое камче за да биде целосен мозаикот. Меѓутоа, колку повеќе инвестиции имаме, особено во индустријата, тогаш влијанието врз буџетот ќе биде многу поголемо – истакна Лабудовиќ во гостување на Канал 5 ТВ.
Тој додаде дека со усвојувањето на нов Закон за рударство контролата врз евентуалните инвестиции во рудници ќе биде многу поголема, особено од аспект на животната средина. Токму овој закон беше најавуван како можност Македонија да се усогласи со европското законодавство и да ги воведе стандардите за запазување на средината кои важат и во Унијата.
– Носиме нов Закон за рударство, којшто комплетно ќе ја зголеми контролата на експлоатацијата на минералните суровини и на рудниците и ќе одиме чекор по чекор. Приоритет е заштитата на човековата околина и новите технологии во рударството, коишто се многу технолошки понапредни од оние во рудниците коишто денеска ги имаме и народот гледа со сериозна скепса кон отворање на било какви рудници. Чекориме внимателно – контролата на прво место – потенцира Лабудовиќ.
Во истата емисија, на темата за учеството на рударската индустрија во севкупниот економски развој се осврна и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски. Тој потсети дека МАНУ го темели развојот на државата до 2040 година и на искористувањето на минерални суровини.
– Најважно пред сѐ е дека она што беше рудник порано, во 21 век не е исто. Имплементацијата на многу нови технологии означува прогрес и на тоа поле – нагласи Јаревски, додавајќи дека процесот треба да биде инклузивен и да се земат предвид укажувањата на сите страни, но во насока на развој на државата.
Сепак, наспроти ваквите тврдења на експертите и на претставниците од власта фронт отвори пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска. Таа категорично возврати – „рудници нема да има“.
– Здруженијата за заштита на животната средина разговараат со граѓаните и расте револтот за повторно ставање на маса и на Казандол и на „Иловица-Штука“. Разберете вие од власта – рудник во Иловица и Штука нема да има – отсечно реплицираше Тренчевска.
Освен Тренчевска, против новата инвестиција одамна е и здружението „Здрава котлина“, кое се најде во написи на истражувачката новинарска мрежа „Белингкет“. Во објавата пишуваше дека ова здружение добива поддршка од еко-активистот Крум Велков кој е против проектот во Иловица, а со цел запирање на западните инвестиции во Македонија. Впечаток дека е против отворање на нови рудници имаше и за Левица, но партиски функционери сепак нагласија дека проблем бил западниот странски капитал.
Од друга страна, научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец на настан посветен на Денот на рударите, во август годинава укажа дека на Македонија ѝ е потребно рударство кое нема да биде спротивставено на зелената транзиција, туку ќе биде еден од предусловите за нејзино остварување. Појаснувајќи ги пораките и заклучоците од Стратегијата за минерални суровини, тој нагласи дека во земјава прашањето не треба да биде „за или против рударството“, туку „какво рударство сакаме“. Според него, одговорот лежи во Стратегијата, каде се повикува на развој на одржливо рударство, научно засновано, кое ја зачувува животната средина.
– Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а сѐ повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии… – заклучи Дединец.
Според него, Македонија има минерални суровини и долгогодишна рударска традиција, а зелениот раст без пристап до суровини за зелените технологии е недостижен.