📽️ ШОКАНТНА СНИМКА ОД КАЗАХСТАН Тренер брутално удри малолетна одбојкарка по глава среде натпревар

Тренер од Казахстан ја удри малолетната одбојкарка по главата среде натпревар. Федерацијата му изрече двегодишна забрана, а полицијата отвори истрага.

78

Видеото предизвика бурни реакции, а тренерот Хамит Мирзабеков доби двегодишна забрана за работа во рамките на натпреварувањата под покровителство на националната федерација. Полицијата отвори истрага.

Наместо да ја учи на спортски дух, дисциплина и почит, тренер среде одбојкарски натпревар физички се пресмета со малолетна спортистка од сопствениот тим. Вознемирувачката сцена од Казахстан се прошири на социјалните мрежи, а случајот предизвика реакција од националната одбојкарска федерација и полицијата.






На снимката се гледа како Хамит Мирзабеков, тренер на одбојкарската академија од Шимкент, ја повикува играчката со бројот 9 да му пријде до страничната линија на теренот. Кога девојчето доаѓа кај него, тој ја удира по главата, по што таа се враќа на теренот.

Инцидентот се случил на 26 октомври, за време на првенството на Казахстан за приватни одбојкарски клубови, кое се одржува во Павлодар. На турнирот настапуваат девојчиња родени во 2009 година и помлади.

По инцидентот, Дисциплинската комисија на Казахстанската национална одбојкарска федерација одлучила Мирзабеков да биде дисквалификуван на две години. Во тој период тој нема да смее да врши тренерска и педагошка дејност, ниту да учествува во каква било улога на натпреварувањата под покровителство на федерацијата.

Санкции се изречени и за другите инволвирани организации. Организаторот на турнирот добил укор и парична казна поради несоодветна контрола врз спроведувањето на натпреварувањето, додека укор добила и одбојкарската академија од Шимкент.

Федерацијата го осуди насилството во спортот, особено кога станува збор за деца и малолетни спортисти, и соопшти дека им дава поддршка на повредената одбојкарка и нејзиното семејство.

Случајот не остана само на спортските санкции. Полицијата во Павлодарската област отвори истрага поради употреба на физичка сила врз малолетна учесничка во одбојкарскиот тим.

Според полициските информации, сите учесници во инцидентот се идентификувани и повикани во полициска станица, а истрагата е во тек. Дејствата на тренерот ќе добијат соодветна правна оценка согласно законот.

Федерацијата најави и задолжителни семинари за тренерите и претставниците на регионалните федерации, на кои ќе се разговара за спортската етика, спречувањето насилство и заштитата на правата на спортистите.

Случајот од Казахстан повторно го отвора прашањето за одговорноста на тренерите кои работат со деца. Спортскиот терен треба да биде место за учење, развој и натпреварување, а не простор во кој физичкото насилство се користи како средство за дисциплинирање.

 

Поврзани содржини