ЗБОГУМ ЗА ДОГОВОРИТЕ НА ДЕЛО ВО ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ Со закон ќе се трансформираат договорните ангажмани во вработување на неопределено
Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година.
Со Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос се решава една децениска неправда и се воспоставуваат јасни правила за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
– Денеска исправаме една децениска неправда. Решаваме проблем кој со години беше премолчуван, одложуван и префрлан од една институција на друга. Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина – рече Стојаноски.
Тој посочи дека станува збор за луѓе кои работат во јавниот сектор, лица кои со години работат со договор на дело, авторски договор, преку агенции за привремени вработувања или други форми на договорен ангажман, а истовремено ги извршуваат своите обврски и придонесуваат за функционирањето на институциите.
Според него, предложеното законско решение предвидува трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време за лицата во институциите опфатени со законот.
Со решението се опфаќаат органите на државната власт, определени јавни установи од областа на здравството, културата, детската и социјалната заштита, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите и другите институции утврдени со законот.
Предлог-законот предвидува конкретни рокови за реализација, заштита на лицата додека трае постапката, ограничување на идните договорни ангажмани и финансиска контрола на целиот процес.
Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата.
Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година.
Институциите ќе треба да ги усогласат актите за систематизација на работните места, доколку тоа е потребно, најдоцна во рок од 14 работни дена од влегувањето во сила на законот.
Предлог-законот предвидува и заштита на лицата додека трае постапката. Институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот.
– Воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација – истакна тој.
Од 1 јануари 2028 година, за институциите опфатени со законот ќе се применува ограничување според кое ангажирањата преку определени видови договори ќе можат да изнесуваат најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година. Предвидени се исклучоци, меѓу кои и можност за надминување на овој процент најмногу четири месеци во една фискална година, со претходна финансиска согласност.
Ограничувањето нема да се однесува, меѓу другото, на лица ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокати ангажирани за правна помош, правно советување и застапување, овластени сметководители и сметководствени друштва. Предвидени се и исклучоци за определени стручни ангажмани за потребите на Советот за јавни набавки и Бирото за процена, за повремени набљудувачи во Управата за хидрометеоролошки работи и за лица што непосредно прибираат податоци за Државниот завод за статистика.
Со Предлог-законот се предвидуваат и прекршочни санкции за раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата. За раководно лице во институција е предвидена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Стојаноски посочи дека Министерството за финансии ќе има важна улога во контролата на процесот преку издавање согласности за обезбедени финансиски средства. Институциите ќе треба да ја достават потребната документација, вклучително и договорите врз основа на кои лицата биле ангажирани, а Министерството ќе може да не издаде согласност доколку не се исполнети законските услови или трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства.
Од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи. Исто така, изземени се Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Бирото за јавна безбедност, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.
Стојаноски оцени дека предложеното решение не треба само да го реши постојниот проблем, туку и да спречи тој повторно да се создава.
– За некого ова е само уште еден закон. За илјадници наши сограѓани ова е надеж дека конечно ќе можат посигурно да ја планираат својата иднина. Дека нивниот труд ќе биде признаен. Дека нивната работа ќе добие соодветна правна сигурност. Дека по години неизвесност ќе можат да здивнат – порача Стојаноски.