МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА РЕАГИРА ПО ДЕТСКИОТ ЕВРОСОНГ Пред употребата на зборовите „последна“ или „последен“ во насловите, неопходно е да се земе предвид нивното влијание врз децата

Македонската делегација бара внимателно и одговорно известување за децата учесници, откако Ана Стојаноска го освои осмото место според гласовите од публиката. Во реакцијата се посочува дека младите изведувачи заслужуваат почит и дека зборовите употребени во насловите можат да влијаат врз нив.

626

Македонската делегација на Детскиот Евросонг упати апел до медиумите да известуваат со целосен контекст и со посебно внимание кон достоинството на децата учесници.

Повод за реакцијата е настапот на Ана Стојаноска, која со песната „Идната јас“ го освои осмото место според гласовите од публиката. Од делегацијата посочуваат дека Ана добила ист број поени од публиката како Франција и Грузија, кои благодарение на гласовите од стручното жири завршиле на третото и петтото место во вкупниот пласман.






Во соопштението се истакнува дека Ана и танчарките Каја, Калина и Елена на сцената прикажале вокална изведба, усогласена кореографија и искрена емоција. Зад настапот, како што наведуваат од делегацијата, стојат месеци подготовка, посветеност и професионална работа на целиот тим.

– Останува отворено прашањето за разликата меѓу поддршката од публиката и оценката на стручното жири – се наведува во реакцијата.

Посебен акцент е ставен на начинот на кој се известува за резултатите на младите натпреварувачи. Од делегацијата апелираат новинарите внимателно да ги избираат зборовите во насловите, особено кога станува збор за изразите „последна“ или „последен“, имајќи го предвид нивното можно влијание врз децата.

– Пренесувањето на пласманот е дел од новинарската работа, а почитувањето на достоинството на децата е нејзин составен дел и професионална и етичка обврска – се наведува во соопштението.

Од македонската делегација порачуваат дека се горди на Ана, Каја, Калина, Елена и на целиот тим, нагласувајќи дека настапот треба да ѝ биде претставен на јавноста со истата професионалност и одговорност со кои бил подготвен.

Поврзани содржини