📽️ ОПШТА ТЕПАЧКА ВО АВИОН НА „РАЈАНЕР“ Патник тргнал во тоалет пред слетувањето, па настанал хаос!

Патник на летот од Лондон за Ибица наводно одбил да седне и покрај вклучениот знак за безбедносниот појас, по што избила тепачка. Полицијата го уапсила по слетувањето.

106

Лет на авиокомпанијата „Рајанер“ од Лондон кон Ибица се претворил во хаос откако избила тепачка меѓу патници. Инцидентот се случил на 5 октомври, кога авионот се подготвувал да слета на шпанскиот остров познат по ноќниот живот.

Според сведоштвото на 28-годишниот турист Хари Вотсон, еден маж станал од своето седиште за да оди во тоалет и покрај тоа што бил вклучен знакот за задолжително врзување на безбедносниот појас. Кога се враќал на своето место, дел од патниците почнале да му довикуваат да седне, а ситуацијата брзо ескалирала.






На видеоснимката од инцидентот се гледа група патници како го опколува мажот, додека членка на кабинскиот персонал се обидува да ја смири ситуацијата. На снимката се слуша како му вика да седне.

– На младиот човек не му се допадна тоа, па се разбесни и стана насилен кон тој човек, што предизвика тепачка – раскажал Вотсон, кој бил сведок на инцидентот.

Според неговото сведоштво, тепачката се повторила неколкупати. Мажот почнал да напаѓа и други патници, кои едвај успеале да го совладаат. Потоа станал уште еден патник и го удрил.

Инцидентот предизвикал и доцнење на слетувањето, бидејќи пилотите не можеле да ги завршат подготовките за слетување додека тепачката продолжувала.

– По некое време сите беа прилично изнервирани, особено затоа што авионот не можеше да слета и мораше повторно да кружи во воздухот – изјавил Вотсон.

По слетувањето на аеродромот на Ибица, шпанската полиција го пречекала авионот, му ставила лисици на мажот, го уапсила и го извела од леталото.

Портпарол на „Рајанер“ потврдил дека е побарана полициска интервенција уште пред слетувањето.

– Екипажот на летот од Лондон за Ибица на 5 октомври однапред побара полициска интервенција откако еден патник почна да предизвикува неред во авионот. Полицијата го пречека авионот по слетувањето на аеродромот на Ибица и проблематичниот патник беше отстранет – соопшти портпаролот.

Од авиокомпанијата нагласиле дека имаат нулта толеранција за недолично однесување на патниците.

– „Рајанер“ има нулта толеранција за недолично однесување на патниците и ќе продолжи да презема решителни мерки за спречување вакви инциденти, со цел сите патници и членовите на екипажот да патуваат безбедно, со меѓусебна почит и без непотребен стрес – се наведува во соопштението.

Поврзани содржини