АМЕРИКА ЈА ОТПИШУВА, БРИСЕЛ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ЗАПИШЕ! Без „Старлинк“ и без ЦИА Украина се соочува со воен пораз
„Старлинк“ е навистина неопходен за Украина и, за жал, Европа не може да го замени овој капацитет на краток рок - изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика., по веста за палењето на 11 антени на сателитскиот системм, стационирани во Бугарија. Засега нема информации кој стои зад нападот, но се знае кој ќе ја претрпи најголемата штета.
Палењето на 11 антени на „Старлинк“ во Бугарија, ограничувањата на воената сателитска комуникација и неизвесноста околу американските разузнавачки информации сериозно го поткопуваат капацитетите на Украина да се спротистави на руските напади, кои во последно време се интензивираат. Истовремено, се отвораат прашања за тоа дали сме сведоци на прелевање на конфликтот и хибридните напади кон други земји на ЕУ, како и за американската поддршка на Украина во судирот со Русија, која се повеќе слабее. Во исто време, договорот меѓу Вашингтон и Москва, за набавка на руски дизел и притисокот за постигнување енергетско примирје ја продлабочуваат недовербата меѓу сојузниците.
Нападот во Бугарија отвора нови безбедносни прашања
Палењето на 11 од вкупно 17 антени поврзани со сателитскиот систем „Старлинк“ во објект во близина на Софија отвори нови прашања за безбедноста на комуникациската инфраструктура што се користи и во војната во Украина.
Според бугарскиот пратеник Ивајло Мирчев, двајца маскирани мажи намерно ја запалиле опремата на објектот, а бугарските безбедносни служби започнале истрага. На 15 октомври, бугарската новинска агенција БТА објави дека осомничени лица се идентификувани, но властите не открија детали за да не ја загрозат истрагата.
Според Мирчев, антените претставуваат важна врска со сателитите на „СпејсИкс“, кои се користат и за комуникациите на украинската војска. Тој постави прашања за тоа дали безбедносните служби навреме реагирале на можните закани. Засега, меѓутоа, не е утврдено кој стои зад нападот, ниту е докажано дека неговата цел била директно да се попречат украинските воени операции.
Инцидентот добива пошироко значење поради истовремените проблеми со воената сателитска комуникација на Украина и неизвесноста околу континуитетот на американската воена и разузнавачка помош. Сепак, нема докази што ги поврзуваат палењето на антените во Бугарија со одлука на американската влада да ги ограничи способностите на Украина.
Европа признава дека не може брзо да го замени „Старлинк“
Европската Унија отворено признава дека во моментов нема подготвена алтернатива со која би можела да ги замени комуникациските можности што Украина ги добива преку „Старлинк“.
– Старлинк е навистина неопходен за Украина и, за жал, Европа не може да го замени овој капацитет на краток рок – изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас на самитот на Европскиот совет што се одржа во петокот во Брисел.

Европа има алтернативи, меѓу кои и сателитските услуги на „Еутелсат“ и мрежата „УанВеб“, но тие не можат веднаш и во целост да ја заменат инфраструктурата на „СпејсИкс“. Проблемот не е само во бројот на сателити. Потребни се соодветни кориснички терминали, сигурна покриеност, доволен пренос на податоци, ниско доцнење на сигналот, заштитени комуникации и можност системите да се интегрираат со веќе постојната украинска воена инфраструктура.
Зошто „Старлинк“ е толку важен за украинската војска?
За да се разбере сериозноста на проблемот, потребно е да се објасни како функционира системот и зошто неговото ограничување може да влијае врз текот на воените операции. „Старлинк“ користи илјадници сателити во ниската орбита на Земјата, кои обезбедуваат широкопојасен интернет и во области каде што нема сигурна копнена комуникациска инфраструктура. Бидејќи сателитите се релативно блиску до Земјата, доцнењето на сигналот е мало во споредба со традиционалните геостационарни сателити. Тоа е особено важно кога се потребни брза размена на податоци и континуирана комуникација.

Во Украина, системот има неколку клучни функции: Управување со беспилотни летала, комуникација меѓу единиците, пренос на податоци од бојното поле, како и за логистика и координација. Во современото војување, сите овие сфери на комуникација се од огромно значење. Комуникациите ги поврзуваат извидувањето, командувањето и дејствувањето, па ако податоците пристигнуваат со задоцнување или врската се прекинува во критичен момент, тоа може да ја намали ефикасноста на операциите.
Која е разликата меѓу „Старлинк“ и „Старшилд“?
„Старлинк“ е комерцијална сателитска интернет-мрежа, додека „Старшилд“ е систем наменет за владини и воени корисници, со дополнителни безбедносни карактеристики и можности приспособени за операции од национална безбедност. Двата система делат дел од технолошката основа, но не се идентични и не се целосно заменливи.
Според украински воени претставници, неодамнешните ограничувања влијаеле врз некои операции со дронови, предизвикувајќи неуспешни мисии и губење летала. Иако врската била делумно обновена, инцидентот покажа колку е ранлива војската што зависи од инфраструктура врз која нема целосна контрола.
Маск се огради од одговорноста и ја посочи американската влада
По критиките од Украина дека ограничувањата на сателитската комуникација ги попречуваат воените операции, Илон Маск одговори дека „Старшилд“ е во сопственост и под контрола на американската влада.
„Сите ограничувања на брзината или користењето ги одредува американската војска, а конечната одлука е кај претседателот“, напиша Маск на социјалната мрежа Икс.

Со ова, сопственикот на „СпејсИкс“ ја отфрли одговорноста на својата компанија за ограничувањата на воениот систем и ја насочи кон Вашингтон. Тој истовремено нагласи дека комерцијалниот „Старлинк“ е услуга на „СпејсИкс“ и дека неговата употреба е ограничена на цивилни и одбранбени активности, а не на офанзивни воени операции.
Разузнавачките информации се вториот критичен фронт
Покрај сателитските комуникации, Украина во голема мера зависи од американските разузнавачки информации. Тие се користат за рано предупредување за руски ракетни напади, следење на воените движења и идентификување цели за украинските операции.
Американскиот систем за инфрацрвено следење од вселената може да открива лансирања на ракети и да помогне во навременото предупредување за опасност. Според воени експерти, европските сојузници имаат многу ограничени можности брзо да го заменат овој капацитет.
Ако Вашингтон ги ограничи овие услуги, последиците би можеле да бидат драматични. Украина би имала помалку време за реакција при ракетни напади, потешко би ги координирала одбранбените операции и би имала помалку информации за планирање на сопствените удари.
Енергетското примирје и рускиот дизел: што сака Трап?
Зад актуелните тензии стои и поширока политичка и економска пресметка. Американската администрација се обидува да постигне договор за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура на Русија и Украина, а Трамп ја поврза својата иницијатива со потребата да се намалат цените на горивата.
Вашингтон изврши притисок врз Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии. Во исто време, Трамп објави договор според кој Русија треба да испорача повеќе од 300.000 метрички тони дизел за американскиот и светскиот пазар. Вашингтон привремено ги ублажи ограничувањата за рускиот дизел, со образложение дека дополнителната понуда може да помогне во намалувањето на цените на горивата.

Ова се случува во период на силен притисок врз американскиот енергетски пазар и пред ноемвриските избори за Конгресот. Трамп ги обвини украинските напади врз руските рафинерии дека придонесуваат за растот на цените, додека Зеленски оцени дека рускиот дизел нема значително да ги намали цените во САД, но ќе ѝ обезбеди дополнителни приходи на Москва.
Дали сојузниците во НАТО почнуваат да се сомневаат во Вашингтон?
Неизвесноста околу американската поддршка предизвикува загриженост кај европските сојузници, но засега никој не излегува со обвинувања дека американската влада намерно ги намалува украинските воени капацитети.
Она што е видливо е растечката загриженост во европските престолнини за зависноста од американската технологија и разузнавачки системи. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, јавно го праша Маск дали политиката влијае врз услугите што ги обезбедува неговата компанија, што покажува дека прашањето веќе не се третира само како технички проблем.
За европските земји оваа ситуација е предупредување: ако една држава или компанија може да влијае врз пристапот до клучна воена комуникација, тогаш политичките несогласувања меѓу сојузниците можат да се претворат во сериозен ризик на бојното поле.
Затоа европските влади сè повеќе зборуваат за намалување на зависноста од одлуки врз кои немаат контрола и развивање сопствени сателитски системи, независни разузнавачки капацитети и посигурни комуникациски мрежи. Но, тоа е полесно да се каже, отколку да се направи. И бара прилично многу време.