МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО ОТВОРИ СЛУЧАЈОТ ЗА МИХАИЛОВА ПРЕД НАТО Доказите од тековната истрага ќе покажат како се однесува Бугарија
Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат, вели Мицкоски за случајот со побегнатата Ива Михаилова порачувајќи дека Михаилова и нејзинот осуден татко ќе се соочат со лицето на правдата.
Случајот со Ива Михаилова и нејзиното заминување во Бугарија ќе биде отворен пред партнерите на Македонија во НАТО, каде што ќе бидат презентирани дел од доказите од истрагата, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој порача дека државата нема да се откаже од барањето Михаилова и нејзиниот татко, кој е првостепено осуден, да бидат изведени пред македонските судови.
– Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаa во вода координираните напади коишто доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена. И повторно ќе го кажам она што го кажав вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата. Јас вчера кажав, еве и повторно дека кога тогаш тоа ќе се случи – рече Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто.
Тој посочи дека во тек е истрага и најави дека дел од доказите ќе им бидат презентирани на партнерите на Македонија во НАТО, со цел да се покаже однесувањето на земјите членки во вакви случаи.
– Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија – изјави премиерот.